117 кг марихуана откриени во албански автобус на Табановце

Царинските службеници од граничниот премин Табановце открија обид за пренесување на 117 кг високо квалитетна марихуана, во автобус со албански регистарски таблички.

Имено, на 14.06.2013, околу 20:30 часот) за излез од Република Македонија се пријави автобус марка NEOPLAN со албански  регистарски таблички, сопственост и управуван од албански државјанин со инцијали Е.Б. од Тирана. Како втор возач на автобусот е лице – албански државјанин со иницијали К.Б.  Во автобусот патувaле околу 20-тина патници. Според изјавата на возачите, крајната дестинација на автобусот бил Белград, Србија.

Иако и патниците и возачите изјавиле дека немаат ништо да пријават за царинска контрола, фактот што возачите рекоа дека патуваат за Белград, а на шофершајбната на автобусот стои натпис Тирана – Скопје, беше доволен мотив за сомневање и пристапување кон детален преглед.  Исто така, според исказите на патниците, од моментот на тргнување од Тирана, па се до граничниот премин Табановце осомничените воопшто не го вклучиле системот за вентилација што укажало на фактот дека нешто не е во ред со климатизацијата во автобусот и дека тој простор е затворен со некоја „стока“.

При прегледот на автобусот со употреба на рачен алат отворени се фабричките шуплини над предните и задните тркала преку багажниот простор на автобусот. Во внатрешноста на овие шуплини пронајдени се 48 пакувања со различна тежина, сите обвиткани со индиго и најлонска фолија и исполнети со растителна материја со зеленкаста боја за која со тестирање со тестери за дрога се утврди дека е марихуана. Потоа, царинските службеници извршија детален преглед и на внатрешноста на автобусот и во просторот за вентилација (над седиштата) каде пронајдоа уште 96 пакувања со различна тежина (по 48 од двете страни). Вкупната тежина на сите 144 пакувања е околу 117 килограми.

Осомничените и дрогата се предадени на инспектори на Одделението за истраги за натамошна предистражна постапка, од која е утврдено дека осомичените Е.Б. и К.Б договориле транспорт на марихуаната преку Косово, Македонија до Белград, Србија каде требало да ја предадат на српски државјанин, а тие да го продолжат патувањето преку Унгарија до Фрајбург, Германија.

На 11.06.2013, во с. Фарк, Албанија во куќата на К.Б., кај кого бил паркиран автобусот, пристигнало трето лице албански државјанин, кој со автомобил Опел ја донел марихуаната спакувана во пакетчина во четвртаста и цилиндрична форма со различна тежина и големнина облепена со индиго и најлонска фолија. К.Б ја сокрил дрогата во фабричките шуплини и во просторот наменет за вентилацијата на автобусот.

За да ги прикријат вистинските мотиви на патувањето, осомничените се договориле и организирале туристичкко патување во Фрајбург, Германија за многу ниска цена (250 евра по патник со вклучен превоз, сметување и храна за 5 дена).

На 14.06.2013 година, околу 06:30 часот утрото, К.Б. се договорил со Е.Б. да го довезе автобусот до центарот на Тирана од каде, по качувањето на патниците, во 07:30 часот тргнале за Германија преку Косово. Попладнето околу 17.30 минути преку граничниот премин Блаце, автобусот влегол во Република Македонија, а околу 20.30 часот пристигнал на Табановце – автопат.

Марухуаната требало да ја пренесат до некој хотел во Белград, каде требало да преноќат и да ја предадат на српски државјанин, а наредниот ден да го продолжат патот кон Германија.

Од почетокот на годината, на граничните премини на државава откриени се вкупно 13 случаи на пренос на дрога. Вкупната заплена на марихуана до сега е 640 кг., од кои 9 случаи се откриени на граничниот премин Табановце – излез од државата каде се запленети 306 кг марихуана.

Против сторителите, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до Јавното обвинителство-Одделение за борба против организиран криминал и корупција, а сторителите се изведени пред надлежен истражен судија.