Уште 15 дена фирмите да мигрираат на новиот систем на е-даноци

Пред стартот на новата законска обрска за задолжително користење на електронските сервиси на УЈП, 5.481 тримесечни ДДВ обврзници сеуште не се регистрирале на системот е-Даноци. 

На фирмите им преостануваат уште 15 дена да ги преземат неопходните чекори, за да можат од 1 јули 2013 година непречено да пријавуваат данок преку интернет сервисот на УЈП https://etax-fl.ujp.gov.mk

Од 1 јули 2013 година, со стапувањето на сила на задолжително електронско пријавување на ДДВ и данок на добивка за ДДВ обврзниците, на шалтерите во УЈП повеќе нема да се примаат ДДВ-пријави и Даночни биланси за данок на добивка во хартиена форма.

Доколку фирмите не се прилагодат на новините во даночното работење, истите нема да можат навреме да ја поднесат ДДВ-пријавата во УЈП, за што е предвидена глоба која достигнува до 3500 евра во денарска противвредност.

Од 1 јули – Укинување на СТАРИОТ систем на е-Даноци

12.059 правни лица и самостојни вршители на дејност кои моментално се корисници на стариот систем на е-Даноци, задолжително ќе треба да мигрираат на новиот систем на електронски услуги на УЈП https://etax-fl.ujp.gov.mk, во спротивно од 1 јули 2013 година нема да можат да ги користат е-даночните услуги. Постапката за миграција е едноставна и се врши електронски преку веб страницата https://etax-fl.ujp.gov.mk

По 1 јули, стариот систем на е-Даноци ќе биде ставен надвор од функција, а електронските услуги на УЈП ќе бидат достапни само преку новиот и надграден систем на е-Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk

За повеќе информации во врска со постапката и условите за миграција и регистрација на новиот систем на е-Даноци преземете го „Упатството за префрлување на нов систем за правни лица и СВД“ или контактирајте не преку Инфо центарот (тел. 0800 33 000; е-пошта: info@ujp.gov.mk).