Во екот на припремните активности пред претстојната туристичка сезона Општина Охрид со своите стручни служби презема низа активности, со цел на адекватен начин да се направи припрема за сезоната што следува. Изминативе денови Локалната самоуправа оствари средби со хотелиерите, угостителите и таксистите. Денес вo големата сала на Општина Охрид се одржа средба со концесионерите на плажите на Охридското Езеро.
„Ние во изминатиов период составивме комисија од еден електроинженер, од еден градежен инженер и правник, со цел да ја утврдат состојбата на плажите според концесионерските договори и да утврдат дали се она што е предвидено во концесионерските договори е зафатено и дали се почитува. Таа комисија достави до нас извештаи и една збирна анализа за состојбата на плажите во кои влегуваат 17 плажи од кои што со 14 веќе е потпишан концесионерски договор, за 3 не се пројави интерес од приватните или физичките лица за закуп на плажите и во овој момент имаме припремен оглас за издавање на уште 4 плажи за кои се чека согласност од Министерството за транспорт и врски“, – изјави градоначалникот на Општина Охрид Никола Бакрачески.
Целта на денешниот состанок беше уште еднаш да им се укаже на концесионерите дека треба строго да се придржуваат до правилата и критериумите од тие концесионерски договори. Воедно, концесионерите имаа можност да дадат и свои предлози за подобрување на услугите на охридските плажи.
„Ние и понатака будно ќе ја следиме состојбата на плажите. Ќе побараме од концесионерите на плажите покрај ова спроведување значи ставките од проведување на тие договори посебно внимание да обратат на безбедноста на корисниците на плажите и безбедноста на капачите на плажите, посебно во делот на лимитирање на движењето на скутери, глисери и други пловни објекти. Исто така ќе побараме за оние делови од плажите кои имаат платформи за сончање или мостови, доколку спроведат електрична енергија, но ако има контакт со вода таа струја да не биде појака од 12 волти и обврзно да се придржуваат до мерките за безбедност“, – истакна градоначалникот Бакрачески.
На средбата присуствуваа претставници од Капетанијата, Секторот за урбанизам при општина Охрид, СВР Охрид, ОО Црвен Крст, инспекциските служби и претставници од јавните претпријатија „Комуналец“ и „Проаква“.
„Капетанијата на пристаништата на Охрид и Министерството за транспорт и врски од свој аспект на овој состанок планира да разговара и да укаже на концесионерите и корисниците на плажи, на оние обврски кои произлегуваат на закуп на внатрешна пловидба, кој предвидува и правилник на капалишта, односно во делот како тие треба да бидат одбележани, какви содржини мора да содржат на плажите, нивното работно време, ангажирањето на спасувачки служби итн“, – изјави капетанот на Охридската Капетанија Горан Устијаноски.
Како што рече Устијаноски, претходните години постоеа одредени аномалии и токму во овој момент од она што тој го гледа и сака да посвети најголемо внимание се платформите кои се изградени на вода и нивната состојба бидејќи како што каѓа имавме едeн повисок водостој на езерото така што доста од тие платформи се во една незавидна ситуација која може да биде сериозен извор на опасност за капачите.
На средбата, од концесионерите беше побарано да се потпишат договори со ЈП „Комуналец“ и ЈП „Проаква“ околу зголемување на чистотата на плажите и околу регулирање на односите на водоснабдување на охридските плажи.
WebOhrid