Македонија, Србија и Црна Гора бараат исти роаминг цени како ЕУ

Граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора да имаат исти цени за користење роаминг услуги кога патуваат во земјите-членки на ЕУ. Тоа го побараа денеска ресорните министри на трите држави Иво Ивановски, Расим Љаиќ и Вуица Лазовиќ преку потпишување заедничко писмо до Европската комисија и Дирекцијата за комуникациски мрежи.

„Постојано ги исполнуваме директивите и барањата на Европската унија и  редно време е Унијата да ги испочитува нашите барања“, истакна по потпишувањето на документот во Скопје  македонскиот министер за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Следен чекор, појасни, е од страна на европските институции да се изврши измена на регулативата и да се воспостават нови правила за операторите за да може да се користат евтините роаминг-тарифи на ЕУ.

„Со оглед дека станува збор за група држави со над 10 милиони жители, се надеваме дека ова ќе биде прифатено сериозно од страна на ЕУ и Европската комисија, ќе извршат притисоци врз операторите и оти ќе ги направат соодветните измени на нивната легислатива за да можат и нашите граѓани да користат цени еднакви на тие во ЕУ“, рече Ивановски.

Според српскиот министер за надворешна и внатрешна трговја и телекомуникации, треба да се биде реален дека до реализација на иницијативата сепак ќе помине одредено време.

„Нам  ни останува тој пат да го скратиме и максималано да ги забрзаме чекорите  до целосна реализација. Денеска  го договориме целиот редослед на идните чекори што треба да ги направиме“, наведе Љаиќ.

Потпишувањето на писмото, смета тој, е пример за добрата регионална соработка и порака  до меѓународната јавност, пред се до ЕУ, оти сите проблеми можат да се решат со заедничка комуникација, соработка и заеднички договор. – Се надевам дека е далеку зад нас времето на меѓусебни конфликти и непотребни реторики и оти на овој начин всушност  можеме да направиме добар амбиент за странски инвестиции бидејќи сме  премногу мали пазари поединечно.  Испраќањето ваков вид пораки може да биде добар сигнал  за идните инвеститори во нашите земји, нагласи српскиот министер.  

Неговиот црногорски колега  најави дека потпишувањето на писмото е почеток на соработката што ќе следи во идниот период меѓу трите држави.

„Сакаме да испратиме пораки до ЕУ бидејќи намерата е нашите граѓани  да ги почувствуваат бенефитите кои ги имаат граѓаните на државите членки на Унијата. Сакаме да покажеме дека за разни прашања можеме без притисок сами да се договориме и да најдеме решенија во интерес на граѓаните“, рече Лазовиќ.

Според договореното, министрите од трите држави веќе во септември ќе имаат состанок во Црна Гора каде ќе потпишат меморандум за соработка во телекомуникациите.

Македонските граѓани, како што презентира министерот Ивановски,  плаќаат седум пати повисоки цени за појдовни повици во роаминг во ЕУ, осум пати повисоки за дојдовни и три до четири пати повеќе за користење 1 мегабајт интернет.

„Со тоа од Република Македонија во ЕУ на годишно ниво се одлеваат близу милион евра при патувањето на македонските граѓани. Пред неколку дена ЕУ ги намали роаминг цените за 36 проценти и бараме и нашите граѓани да можат да ги користат истите услуги што ги имаат и граѓаните на ЕУ“, посочи Ивановски.

Активностите за користење на роаминг-тарифите на ЕУ почнаа на иницијатива на македонската Агенција за електронски комуникации.