Средба на Ставрески со британски инвеститори во Ливерпул

Делегацијата предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ги презентираше можностите за инвестирање пред бизнис заедницата во Ливерпул.

Како што соопшти Министерството за финансии, на бизнисмените им беа посочени исклучително поволните услови кои Македонија како бизнис дестинација им ги нуди на странските инвеститори.

Вицепремиерот Ставрески ја истакна даночната политика на земјава, со која Македонија има најниски даночни стапки во Европа. Исто така, беше презентирана поволната бизнис клима во земјава – призната од повеќе релевантни светски фактори, реформите кои се направени за процедурите за водење бизнис со кои истите се поедноставени и забрзани, како и поволностите кои ги нудат технолошко-индустриските зони за инвеститорите.

Домаќин на економскиот тим беше Трговската комора на Ливерпул.

Економскиот тим на Владата, во чиј состав се и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции Висар Фида имаше и билатерални средби со повеќе компании, а делегацијата посети и две од најголемите компании во Ливерпул од областа на прехранбената индустрија и трговијата на мало.

Во рамки на економската презентација, делегацијата предводена до вицепремиерот Ставрески, ќе ги претстави можностите за инвестирање и пред бизнис заедницата во Лидс, Шефилд и Лондон.