По уште една успешна мисија на нашите мировници – вратен контингентот од 14 ротација во силите ИСАФ

„Чест ми е што денес го пречекувам контингентот од Армијата на Република Македонија кој во целост се врати жив и здрав, по една успешно завршена мисија“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери при пречекот на 14. ротација на припадници на Армијата на Република Македонија кои денес пристигнаа на аеродромот „Александар Велики“ во Петровец.

Министерот Џафери додаде дека тој и лично, при посетата на Авганистан, се уверил во успешноста на спроведувањето на задачите во рамки на мисијата, и воедно порача дека за тоа имаме и потврда од сите претставници на командата на ИСАФ. Истовремено, министерот укажа на фактот дека токму работата и ангажманот на овој контингент ќе биде мотив плус за тукушто започнатата мисија на неодамна испратениот контингент, и тие по шест месеци да се вратат во Република Македонија, со успешно завршена мисија.

Командантот на контингентот, потполковникот Стојанчо Тодоров, изјави дека „мисијата е успешно завршена и дека нашите војници дадоа сè од себе да покажат дека сме рамноправни со сите земји членки на НАТО-алијансата“. Потполковникот Тодоров, во однос на импресиите од времето поминато во мисија, рече дека иако ризикот е значителен, а одговорноста за обезбедување на главната база, огромна, сите припадници на контингентот достојно ја претставија АРМ и Република Македонија.

На новинарско прашање во однос на идниот ангажман на АРМ во мировни мисии, министерот Џафери посочи дека Република Македонија останува подготвена да го продолжи своето учество во меѓународните мисии за поддршка на мирот, вклучувајќи ја и новата пост-ИСАФ мисија на НАТО во Авганистан по 2014 година, толку колку што е потребно и согласно нашите капацитети.

Во 15. ротација која од неодамна е дел од силите ИСАФ во Авганистан, АРМ учествува со 156 припадници, односно со механизирана пешадиска чета. „Леопардите” од 1.мпбр во наредните шест месеци ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.

ISAF03 ISAF02