Вечерва во предворјето на црквата Св.Софија на програмата на Охридско лето е пијанистот од Ерменија Сергеј Бабајан,кој ќе изведе дела на Лист, Рјабов, Рахманинов/Володос и Бах.
Сергеј Бабајан критичарите го сметаат за еден од најинтересните претставници на големата руска пијанистичка школа во најновиот период. Студентот на легендарните Горностаева, Наумов, Власенко, Плетњов на Конзерваториумот „Чајковски“, Бабајан меѓу првите успеал да направи светска кариера по распадот на СССР без секаква државна поддршка. Неговите успеси на меѓународните натпревари, вклучително „Кралицата Елизабета“ и „Бузони“ му овозможиле бројни концертни турнеи ширум свет. Бабајан настапува со врвните светски оркестри и диригенти, остварувајќи ососбено плодна соработка со Валериј Гергиев и Оркестарот на „Мариински“ театар. Настапува и на престижните фестивалски подиуми со програми кои опфаќаат широк стилски опсег. Оваа година Бабајан е резидентен уметник на Гергиев фестивалот на Ротердамската филхармонија. Неговиот опширен репертоар е во постојан растеж, опфаќајќи ги делата како од „железниот“ пијанистички репертоар, така и од современите композитори – Лутославски, Лигети, Парт, Шнитке, Васкс, Шчедрин и други автори. Особен афинитет на пијанистот е творештвото на Ј. С. Бах. Бабајан остварил бројни снимки за EMC, Коносор Сосаети и Про пијано лабелс.