Омаж во чест на уметникот Димитар Кондовски

Синоќа во Трпејца во рамките на второто издание на манифестацијата НА ЗАЈДИСОНЦЕ се одржа Омаж посветен на покојниот македонски уметник – сликарот Димитар Кондовски.  Човекот кој прв од уметниците им ја откри Трпејца на луѓето од негов ков. По повод 20 годишнината од неговата смрт беше прикажан ТВ портретот посветен за него,  своевремено снимен за Македонската телевизија, а веднаш потоа беше отворена изложбата на фотографии дело на неговиот син Филип Кондовски. 

Димитар Кондовски  роден е 1927 год. во Прилеп. Завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Бил член на групите “Денес” и “Мугри”. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, пишувал критика. Бил професор  на Педагошката академија во Скопје. Академскиот сликар Димитар Кондовски е една од клучните фигури во модното сликарство во втората половина на минатиот век. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. Реализирал 15 самостојни изложби во Македонија, во земјите на поранешна Југославија, во САД и во Канада, а учествувал на многу репрезентативни групни излагања во престижни светски галерии. Тој е еден од основоположниците на ликовно-графичката дејност во Македонија. Автор е на повеќе од 2.000 илустрации и на околу 200 сценографии за телевизиски емисии, за драмски, оперски и за балетски претстави.

Филип Кондовски  роден е во Скопје, 1973 година.  Во 1996 дипломира на Националната академија за Филм и Театар во Софија, Бугарија, на отсекот за филмска и ТВ камера. Работел на неколку телевизиски емисии и ТВ филмови во продукција на МРТВ и други локални ТВ станици.Наградуван е на повеќе фестивали низ светот. Од неговото творештво ги издвојуваме следните изложби и филмови: во 1996 Изложба на фотографии ЛИЦА Денес, утре…, ТВ филм Двоглед, документарен Глушецот, краток ТВ филм 2001 Водата е живот, документарен 2003 Сакам да бидам кошаркар, ТВ серија и ред други. 

Денеска културно – забавното лето НА ЗАЈДИСОНЦЕ во Трпејца продолжува со школите за пливање и шах, а вечер е атрактивната вечернапроменда СО КАЈЧЕ ПО ЕЗЕРОТО и мини концертот на ученици од ОМУ „Методи Патче“. 

Утре претпладне започнува креативната работилница по уметност, која ќе заврши во петок со мини изложба на сработените трудови.Вечерта од 20 часот следува настапот на „Распеани ѓерданчиња“ при КУД Ѓердан од Охрид.