Стратешка соработка на МОН и СОНК за реформите во образовниот систем

Работна средба на Министерството за образование и наука и Советот на самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија-СОНК, на којашто се разговараше за повеќе теми, меѓу кои најактуелните – процесот на екстерно тестирање, употреба на е-дневникот, колективни договори во високото образование и науката и процесот на трансформација на работниот однос на вработените во основните и средните училиште.

„Екстерното тестирање, кое годинава се имплементираше првпат, се спроведе со солиден степен на успешност, а идните заложби се во насока на надминување на техничките и извесни процедурални недостатоци кои се детектирани, со цел да не се повторуваат во следните учебни години“, рече министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

За употребата на е-дневникот кој, од оваа учебна година стана задолжителна обврска за сите просветни работници во основното и средно образование, повеќе забелешки на СОНК веќе се прифатени., а како што нагласи министерот Ристовски, во тек се активности за подобрување на неговата функционалност во следната учебна година.

Договорено е продолжување на преговорите за потпишување на колективните договори онаму каде процесот се уште не финализиран, во високото образование и науката. Во наредниот период ќе се интензивираат средбите и разговорите на работните групи на МОН и на Синдикатот и во најскоро време се очекуваат драфт верзии, за кои ќе има јавна расправа, се до изготвување на конечните договори.

На средбата беше договорена и динамиката за продолжување на процесот на трансформација на работниот однос на наставниците. Ристовски потсети дека од 2009 година, согласно законските измени, досега 6.267 наставници кои работеле на определено време, го трансформирале работниот однос во редовен по само две години, место да чекаат пет.

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков потенцира дека МОН е отворено за соработка и дијалог. Информира дека употребата на е-дневникот не била секаде овозможена, но, како што рече, во некои рурални средини нема интернет.