Министерството за здравство во соработка со Здравствен дом – Скопје од денеска почнува со акцијата за бесплатни превентивни пунктови на повеќе локации во пресрет на најавите за топлотен бран кој во следните денови ќе ја зафати државата.
Пунктовите ќе бидат поставени на повеќе локации низ главниот град и ќе работат од 18 до 21 часот. Ќе има еден статичен пункт во Градскиот парк и по два мобилни пункта кои ќе ротираат во општините. На овие пунктови граѓаните ќе се информираат како да се заштитат од високите температури, ќе добиваат препораки за здрав живот и ќе може да измерат крвен притисок. Ќе се делат и брошури со препораки за заштита од топлотен бран.
„Досегашното искуство од оваа акција покажа исклучително позитивни резултати. Минатата година во текот на летниот период само во Скопје помош побарале околу 10 илјади граѓани. Дел од нив биле препратени на матичен лекар, а двајца како итни случаи се пренесени во Градската општина болница „8 Септември“, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Според директорката на Здравствениот дом во Скопје, Тања Баевска-Вучковиќ, како резултат на успешната акција спроведена минатата година, повиците кон Итната медицинска помош за првпат лани биле во референтните вредности на обем на работа.
Во пресрет на најавениот топлотен бран, Министерството за здравство препорачува да не се излегува надвор во временскиот интервал од 11 до 17 часот, носење на светла и лесна облека и конзумирање на многу течности, а хронично болните да ја земаат неопходната терапија.
Од УХРМ најавуваат дека од утре ќе почнат да растат дневните температури, а од понеделник се очекуваат температури од 40 степени.