Распишан Конкурс за доделување субвенции за творечки дејности

Наставниците и соработниците од високообразовните и научни установи кои активно творат во областите ликовна, драмска, музичка уметност, архитектура, филм и книжевност и ја промовираат Република Македонија на престижни светски настани, може да аплицираат на Конкурсот за доделување на еднократни финансиски средства наменети за творечки дејности реализирани во 2012 година.

Овој конкурс веќе го распиша Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за култура.

На денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски информира дека може да аплицираат оние кои учествувале или настапиле на фестивал кој е член на Европската асоцијација на фестивали, кои учествувале на меѓународен проект и манифестација надвор од Република Македонија, како национален претставник или учествувале или настапиле на меѓународен проект и манифестација надвор од Македонија, каде изборот на учесниците се објавува по пат на конкурс, аудиција или селекција.

„На конкурсот може да се учествува со доставување пополнета пријава, доказ за учество или настап на некоја од споменатите активности и копија од уверение за државјанство на Република Македонија. Докементите, во два примероци, се доставуваат до МОН, најдоцна до 30 септември“, рече Спировски и додаде оти документите ќе бидат разгледани од Комисија, формирана од министерството.

За оваа намена се обезбедени финансиски средства од буџетот на Република Македонија за 2013 година, а надоместот за творечки дејности е во еднократен бруто износ од 30 илјади денари по наставник/соработник.

Ристовски потенцира дека бројот на субвенции не е ограничен и ги повика сите заинтересирани да аплицираат.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска потенцира дека овој проект ја покажува комплементарноста меѓу културата и образованието како сооднос кој неизоставно влијае врз унапредувањето на знаењата и афирмирањето на културата во светот.

„Наградата што ја предвидува овој проект со сигурност ќе влијае во подигнувањето на капацитетите на наставниот кадар и ќе биде своевидно признание и поттик за посветено создавање нови генерации уметници. Проектот „Творечки субвенции“ е уште една потврда дека Владата, МОН и Министерството за култура безрезервно обезбедуваат поддршка за развој на творештвото, квалитетно образование и меѓународна промоција на културните вредности кои ги поседуваме како држава“, рече Канческа-Милевска.

Таа потсети дека Министерството за култура редовно во своите програми од национален интерес дава поддршка на проекти зад кои стојат професори од уметничките факултети во Македонија, како Симон Трпчески, Живоин Глишиќ, Гордана Јосифовска, Олег Кондратенко, Слободан Унковски, Дејан Пројковски, Венко Андоновски, Јордан Плевнеш…