Стружаните Илче, Јасмина, Игор и Петрит ги добија своите први поддржувачи, по нивното приклучување кон тимот продавачи на активистичкото улично списание „Лице в лице“ во градот крај Дрим. Претставувањето се одржа вчера, на вториот ден на Фестивалот за процесирање култура, „ДримON“, веднаш по предавањето „Лице в лице со активизмот“ во чии рамки беше претставено списанието пред стружани.
Граѓаните веднаш ја дадоа својата поддршка на новите продавачи, посакувајќи им успех во нивните нови ангажмани. Продавачите се активно вклучени во редовните активности на Црвениот крст на Струга и на организацијата „Порака Нова“ исто така од Струга, со чија помош тие се вклучени во тимот на продавачи на „Лице в лице“.
„Многу ми е мило што сум дел од „Лице в лице“. Ова е шанса за мене и ќе дадам сè од себе за да бидам успешен. Се надевам дека ќе ја имам и поддршката од моите сограѓани“, – рече Игор Шајноски, кој ќе го продава магазинот со помош на организацијата „Порака Нова“.
Илче Рајчиноски пак, објасни дека тој иако е хонорарно ангажиран во Медицинскиот центар во Струга, рече дека по работното време ќе излегува низ струшките улици за да им го понуди магазинот на своите сограѓани. „Се радувам што ја добив оваа шанса“, – вели тој.
„Лице в лице“ е дел од Меѓународната мрежа на улични весници (ИНСП) заедно со уште 123 улични изданија од целиот свет. Сите тие заеднички сериозно влијаат на борбата со сиромаштијата и во обезбедување на редовен приход на ранливите категории граѓани. Во фокусот на магазинот се теми од областа на екологијата, општествената одговорност, арт активизмот, а содржините поттикнуваат добри практики од областа на хуманитарната работа, културата и уметноста, унапредување на животот во градовите… „Лице в лице“ го продаваат бездомници, луѓе со ментална попреченост, младинци од улица и социјално загрозени граѓани.
Магазинот е дел од Регионалната платформа за активизам LICEULICE, која во Македонија ја спроведува Центарот за медиумски активности од Скопје.