Охридскиот чај сеуште дозволен за собирање, но во одредени зони

Охридскиот чај во Македонија е застапен само на планината Галичица. На пазарите во сите поголеми градови во Македонија се нудат „тувчиња“ од охридски или шарпланински чај. 

Вo 2011 година Јавната установа Национален парк Галичица усвои План за управување (ПУ) со Националниот парк Галичица (НПГ), како основна алатка за планирање што ќе ја користи управата на паркот во заштитата и управувањето со паркот во периодот од 2011 до 2020 година. Основните цели кои се однесуваат на зачувувањето на живеалиштата и видовите ќе се постигнат со зонирање на паркот. Согласно Законот за заштита на природата, во НПГ се воспоставени четири зони, за кои со ПУ се определени активностите и дејностите кои во нив можат да се вршат.

„Со зонирањето, голем дел од популацијата на охридскиот чај влегува во рамките на „природната зона“ односно зоната за строга заштита и зоната за активно управување. Во овие зони е забрането било какво собирање на растенија и нивни делови. Според ПУ, собирањето на охридскиот чај е дозволено во Зоната за одржливо користење, а во моментов се спроведуваат активности за проценка на влијанието на постојниот режим на собирање на охридскиот чај во оваа зона врз стабилноста и виталноста на неговата популација“. – изјави за WebOhrid Оливер Аврамоски, раководител на Секторот за заштита на природата во Јавната установа Национален парк Галичица.

ЈУНПГ е во тек на подготовки за поставување на чувари и наплаќање на влезници на влезот на регионалниот пат Царина – Трпејца (Р504) низ Националниот парк Галичица.

„Со реализација на овој план во иднина ќе се има подобра контрола на посетителите во тој дел на паркот кој истовремено е и нај пристапен за собирачите на чај. Чуварите на паркот на двете наплатни рампи ќе ги информираат посетителите на паркот за правилата кои важат во паркот, вклучително и за забраните за собирање растенија, односно местата каде тоа е дозволено. Исто така, тие ќе имаат право да вршат инспекција на возилата и да го одземат материјалот што е бесправно собран“. – вели Аврамоски.

Во зоната за одржливо искористување собирачите треба да се придржуваат на следните правила: 

  • При собирање да не се корнат растенијата од корен;
  • На локациите каде што се врши собирање да се остават 30 % не собрани огништа со поголем број цветни изданоци, кои ќе овозможат природно генеративно обновување;
  • Во секое од огништата кои ќе се собираат да се остават по 2 до 3 цветни изданоци;
  • На ист локалитет експлоатацијата да се повторува по 2 до 3 години пауза;
  • Особено штетно е раното собирање на цветни изданоци, во почетокот на Мај што е се почеста појава.

Собирањето на охридскиот чај има долга традиција во локалните заедници, но и пошироко, во Охридско-Преспанскиот регион. Традиционално, чајот се собирал главно за задоволување на личните потреби. Во поново време, чести се примерите на собирање на охридскиот чај заради понатамошна продажба на локалниот или други пазари. Дел од лицата кои  собираат чај заради остварување на приход припаѓаат кон социјално ранливи групи и тие би биле најпогодени од воведувањето на новиот режим за собирање на диворастечки растенија.

Народната медицина водените екстракти од надземните делови на овие растенија ги препорачува при настинки пропратени со кашлица или кивавица, бронхитис, астма, терапија кај симптоми и тегоби на гастроинтестиналниот тракт. Интересно е користењето на облоги на двата видови или во декокт навлажнети завои за лечење на рани по кожата, на чиреви и слично. 

WebOhrid