Кошаркарите се комплетираат пред пријателските натпревари против Хрватска

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација од вчера засилена со Перо Антиќ ќе ги продолжи подготовките во Крањска Гора. За недела се очекува приклучувањето и на Лестер Бо Мекејлеб, пред двата пријателски натпревари против репрезентацијата на Хрватска.

По одигрувањето на натпреварите со Украина и Словенија минатиот викенд, репрезентацијата под водство на Алеш Пипан веќе неколку денови работи висински подготовки во Крањска Гора. Според планот на подготовките, во Крањска Гора ќе се работи до недела по што следува пат за Хрватска за одигрување на два нови пријателски дуели против домашната репрезентација на 6 и 7 август. 

Капитенот на репрезентацијата, Перо Антиќ им се приклучи на своите соиграчи, додека пристигнувањето на Лестер Бо Мекејлеб е поместено за понеделник, во договор со селекторот Пипан. Мекејлеб побарал дополнителни два дена поради приватни обврски и во договор со раководството на репрезентацијата, терминот за неговото приклучување е поместен од прво на четврти август.

„Засега се оди според планираното. Работиме на физички план, од тренинг во тренинг постепено ја поставуваме играта и тактиката. Атмосферата во тимот е одлична, залагањето на играчите е максимално и задоволен сум од нивниот ангажман и од посветеноста на тренинзите“, вели селекторот Пипан.

Дарко Соколов и натаму работи со намален интензитет поради повредата на глуждот, но благодарение на напорите на лекарскиот тим, се очекува во најскоро време тој да биде комплетно подготвен. Ѓорѓи Чековски и натаму ја чувствува болката во препоните на која се пожали на самиот почеток на подготовките, но тој активно партиципира во тренинзите.