Голем одзив на крводарителската акција на Плаошник

Се чекаше ред, се бараше кревет повеќе за дарување на драгоцената течност на вчерашната крводарителска акција, која традиционално во организација на Црвен крст Охрид, на 8 и 9 август се одржува на Плаошник. Хуманоста на охриѓани, но и на многу гости од други градови во Македонија предизвика полни раце работа за трансфузиолошките екипи, кои вчера од 18-24 часот наполнија 126 кеси со дарувана крв.

Акцијата продолжи и денес, каде на платото пред црквата Св.Климент на Плаошник, од 9-14 часот хуманите крводарители даруваа крв и учествуваа во поставување на нов рекорд на собрани 154 единици крв на крводарителската акција на Плаошник, и соборување на стариот кој изнесуваше 132 единици крв.

Црвениот крст изразува благодарност до дарителите за нивната хуманост како и до екипите на трансфузиолошките служби од Охрид, Струга и Битола.

Следната крводарителска акција која ќе ја организира Црвениот крст во соработка со Општина Охрид ќе биде на 14 септември 2013 година.