„Брамс“ трио од Русија на „Охридско Лето“

На програмата на „Охридско Лето“ вечерва во црквата Света Софија со почеток од 21:00 часот концерт на „БРАМС“ трио од Русија. Посетителите ќе имаат можност преку изведбите на триото Брамс, Николај Саченко- виолина, Кирил Родин- виолончело и Наталија Рубинштејн- пијано, да уживаат во музиката на Брамс со концертот насловен како „Вечер на Јоханес Брамс“. Како гостин на вечерта ќе настапи познатиот руски виолист, Андреј Гридчук – наследникот на големиот J. Bashmet.

Селекторот на музичкиот дел од програмата Гордана Јосифова Неделковска вели дека 53 тото издание на „Охридско Лето“ е исполнето со учество на врвни уметници од светската елита кои за прв пат доаѓаат на фестивалот, но и уметници кои претходно приредиле незаборавно концертно уживање. 

„Ваквиот концепт фестивалот го негува веќе 7 години наназад, давајќи можност на што поголем број од големите светски уметници да бидат дел од него, а од друга страна почитуваната фестивалска публика да ги запознае токму тие – најдобрите и најуспешните, и да ужива во нивните уметнички креации. Некои од нив не само што со своите исклучителни настапи даваат посебен допринос на фестивалот, туку стануваат и вистински „миленици“ на публиката, па затоа повторно се дел од програмските содржини. Токму ова се однесува на триото Брамс кои во 2008 и 2010 година ни приредија концерти за паметење и токму затоа  се повторно во духовниот храм, црквата Св. Софија“, изјави Јосифова Неделковска.

Како победник на 13-от Меѓународен натпревар за камерна музика во Трапани (Италија, 1993) и 1-от Меѓународен натпревар за камерна музика во Вајмар (Германија, 1996), Триото „Брамс“ е единствениот руски ансамбл кој настапи во Големата сала на „Brucknerhaus“ во Австрија и „Cemal Reşit Rey Grand hall“ во Истанбул. Тие се и првите секуларни музичари кои имале концерт во центарот на руското Православие – Светотроице-Сергиевската Лавра. Како завршени студенти на Московскиот конзерваториум „Чајковски“, членовите на триото ги застапуваат традициите на руската изведувачка школа и високите идеали на музичкото просветителство. Триото „Брамс“ со постојан успех настапува во најдобрите сали во Москва, Санкт-Петербург, Брисел, Виена, Варшава, Загреб, Истанбул, Рим, Мелбурн, Сеул и др. Ансамблот соработува со истакнатите музичари Галина Писаренко, Хибла Герзмава, Кармен Балтроп, Ања Фиделиа, Јана Иванилова, Јулиан Милкис и многу други. Дискографијата на триото „Брамс“ ги вклучува делата на Бетовен, Шуберт, Брамс, Чајковски, Пабст. Аренски, Глинка, Рахманинов, Шостакович, Шнитке, Книпер, Блох и Пјацола. Во 1998 г. уметниците ја основале Фондацијата на триото „Брамс“ за реализацијата на добротворните програми од областа на култура. Во 1999 г. тие ја започнале антологијата на руското пијано трио. Во 1998 и 2006 гг. триото „Брамс“ ги доби грантовите на Претседателот на Русија.