Министерството за труд и социјална политика утре ќе распише оглас за вработување на уште 50 лица во државната администрација, кои до 18 години имале статус на деца без родители и без родителска грижа.
Огласот е дел од Програмата Д-10 преку која на почетокот на годинава беа вработени 33 лица со таков статус. Ресорниот министер Диме Спасов денеска најави дека вработувањето на таа категорија граѓани ќе продолжи и во наредните години со цел што поголемо намалување на таа категорија невработени.
Лицата кои ги исполнуваат условите за конкурсот ќе можат да аплицираат во наредните 20 дена за добивање соодветен работен ангажман зависно од квалификациите. Согласно Законот за државни службеници се планира вработување на 50 лица во Министерството за труд и социјална политика, со звања помлад соработник, виш референт, референт и помлад референт. Тие ќе имаат статус на државни службеници, а зависно од потребите на институциите ќе може да бидат распоредени во други министерства.
„Согласно Програмата Д-10 оваа година ќе бидат вработени вкупно 83 лица, со што значително ќе им се помогне и ќе им се обезбедат услови за нормален живот, постојана работа со цел нивна интеграција во општествениот живот“, рече Спасов на прес-конференција.
Според него, вкупната бројка на невработени лица со статус деца без родители до 18 години се менува од година во година.
„Согласно планот што го имаме направено за наредните 4-5 години очекуваме речиси целосно намалување на бројот на невработени. Годинава ќе бидат вработени вкупно 83 лица, а за наредните години планот е од 20 до 40 лица, односно се очекува во наредните години да има број од 120 до 170 лица со ваков статус“, појасни Спасов.
Јавниот оглас, покрај во дневниот печат, ќе биде објавен и на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk, и на сајтот на Агенцијата за администрација.