„Пијанисти лауреати на меѓународни натпревари во 2012“ на „Охридско Лето“

Вечерва во црквата „Св.Софија“ со почеток во 21 часот на програмата на „Охридско Лето“ се пијанистите Варвара Непомнјашчаја и  Арсениј Тарасевич-Николаев, лауреати на меѓународни натпревари во 2012 година.

Варвара Непомнјашчаја во 2012 г. одржа сјајна победа на престижниот пијанистички натпревар „Геза Анда“ во Цирих, одушевувајќи ја публиката и добивајќи суперлативни оѕиви од стручното жири: брилијантната техника, нијансирање, емотивност, интелигенција… На овој триуфм му претходеа години студирање на Руската Музичка академија „Гњесини“, Конзерваториумот „Чајковски“, усовршување во Германија кадешто сега и предава на Хамбуршкиот Универзитет на музика и театар, а, исто така, и бројните успеси на меѓународните натпревари во Лајпциг (Баховиот наптпревар), Нагоја, Бремен, Прага и други. Варвара Непомнјашчаја постојано настапува како солист со бројни симфониски и камерни оркестри и остварува концертни турнеи во Русија, Германија, Франција, Полска, Италија, Грција, Австрија и Швајцарија. Таа има направено повеќе снимки за радио- и телевизиските куќи во Русија, Германија и Јапонија.

Арсениј Тарасевич-Николаев во 2012 година триумфираше на 5-от Меѓународен пијанистички натпревар „Скрјабин“ во Москва. Оваа победа впечатливо ја дополни листата на успешните настапи на овој сосема млад пијанист роден во 1993 г. Првата победа на меѓународниот натпревар тој ја освои на 10-годишната возраст кога доби прва награда на натпреварот “Le muse” во Италија. Потоа следеа други победи во Русија и Италија, а во 2008 г. – и победата на натпреварот „Новите имиња“ во Москва. Уште како студент на Московскиот конзерваториум „Чајковски“, Тарасевич-Николаев учестувува на бројните меѓународни фестивали и настапува во најпознатите концертни сали во Русија и Европа. Неговата изведба се карактеризира со врвниот професионализам, одушевувачки ентузијазм, префинето фразирање и чувство на стил.