Женската А репрезентација поразена од Бугарија

Македонската женска А репрезентација загуби со 4-2 во пријателскиот натпревар против А селекцијата на Бугарија. На стадионот во Чаир, Костова постигна два гола во 7. и 12. минута  за водство на Бугарија од 2:0. Резултатски се вративме во игра во погодокот на Анета Ѓоргиева во 27. минута , но бугарките ја вратија предноста од два гола пред крајот на полувремето со голот на Господинова. Во 68. минута, Попадинова зголеми на 4:1, нашата Јаковска го постигна последниот гол на натпреварот за 4:2 во 72. минута. Македонија играше во состав без четири фудбалерки кои играат во странство, Наташа Андонова, Сијче Андонова, Гентјана Рочи и Драгана Костовска.

„Игравме натпревар против состав кои доминираше, но и пресметка која ќе ни биде од голема корист. Во нашиот тим недостасуваа седум стандардни репрезентативки, но и покрај тоа создававме шанси, посебно во последниот дел од натпреварот кога не реализиравме три убави прилики за погодок. Натпреварот беше одлична контрола за продолжението од квалификациите за СП. Се надевам дека на реванш дуелот ќе го подобриме впечатокот“, истакна Добрислав Димовски, селектор на А репрезентацијата на Македонија.

Македонија натпреварот го започна во состав: Костова, Наумоска, Иванова, Милевска, Спироска, Д.Костова, Маркоска, Димкоска, Ѓоргиева, Андреева и Салихи.

Следните натпревари А репрезентацијата на Македонија ги игра на 19.09.2013 година против Романија, на 20.11.2013 година против Чешка и на 24.11.2013 година против Ерменија.