Во рамки на подготвителните активности за претстојната откупна сезона на винското грозје, министерот и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, одржаа работна средба со претставницитe на винскиот сектор од Република Македонија.
На средбата беа опфатени повеќе теми поврзани со досегашниот откуп на вискоквалитетните сорти на винско грозје, претстојниот откуп на винското грозје и организираноста на сите инволвирани страни во процесот на откупот, при што претставниците на винскиот сектор беа информирани за очекувањата и барањата на лозаропроизводителите, кои беа презентирани на последната средба со лозаропроизводителите, со посебен акцент на барањето на лозаропроизводителите за повисоки откупни цени на винското грозје во однос на ланската сезона, посебно за сортите смедеревка и вранец.
Во однос на оваа тема, беше отворена сеопфатна дискусија, во која се вклучија претставниците на винскиот сектор, информирајќи за нивните потреби за откуп, за моменталаната состојба на винскиот сектор и за барањата од лозаропроизводителите.
Од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беше апелирано до претставниците од винскиот сектор, за интензивирање на соработката со претставниците на лозаропроизводителите и за изразување на подготвеност за постигнување на договор во контекст на откупната цена на винското гројзе.
Во дискусијата од претставниците на винскиот сектор беше потенцирано дека е прифатливо барањето на лозаропроизводителите за дефинирање на откупната цена согласно шеќерните единици на секоја сорта винско грозје, врз основа на различната технолошката зрелост на секоја сорта.
Во контекст, на откупната цена, од претставниците на винскиот сектор беше изразена подготвеност откупната цена за смедеревката со 17 шеќерни единици да изнесува 11 денари, а за вранецот со 19 шеќерни единици да изнесува 13 денари, со можност за прогресија на цената согласно шеќерните единици.
Од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше поздравена подготвеноста на винскиот сектор за прифаќање на барањата на лозаропроизводителите и беше изразено очекување дека овие откупни цени ќе бидат почитувани од откупувачите на винско грозје.
Во насока на подобро организирана откупна сезона, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство побара во наредните денови да се интензивира соработката со лозаропроизводителите, во насока на организирана берба и организиран откуп, со постигнување на технолошката зрелост на секоја сорта на винско грозје.
Истовремено, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави дека заеднички тимови од Државниот инспекторат за земјоделство, Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат, од оваа недела до крајот на откупната сезона ќе бидат присутни на откупните пунктови за винско грозје.
На средбата уште еднаш беше потенцирано дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку постојани средби, ќе продолжи да биде активен чинител во процесот на градење на дијалогот помеѓу лозаропроизводителите и претставниците на винскиот сектор, како потреба која е во интерес и на двете страни.