Градоначалникот Бакрачески на средба со кинескиот амбасадор Цуј Џивеи

На покана на кинескиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е.Цуј Џивеи, делегација на Општина Охрид предводена од градоначалникот Никола Бакрачески оствари работна средба на која беа разгледани можностите за инвестирање на кинеските фирми во Охрид.

„За да го забрзаме локалниот економски развој, во програмата за Охрид предвидовме проекти за капитални инвестиции и креирање нови работни места. Покрај развојот на туризмот мора да водиме сметка и за развојот на индустријата“, – истакна градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот во разговорите го запозна кинескиот амбасадор со потенцијалите и капацитетите кои ги има Охрид , а се осврна и на развојните програми за унапредување пред се на економската состојба и тековните активности кои оваа локалната власт ги остварува за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните кои живеат во општина Охрид.

Амбасадорот Цуј Џивеи го изрази задоволството од одличните политички односи меѓу двете пријателски земји и нагорниот тренд во економските релации. Н.Е. Џивеи ја истакна подготвеноста на Далијан, збратимениот кинески град со Охрид, да помогне со донации во опремувањето на училиштата и пречистителните станици во нашиот град. На средбата амбасадорот Цуј Џивеи ја потенцира подготвеноста кинески инвеститори да вложуваат во Охрид, а за таа цел начелно е договорена посета на Далијан и стопанската комора на овој голем пристаништен град, од која се очекуваат конкретни економски резултати.