Премиерот Груевски ги посети Бороец, Подгорци, Октиси, Лабуништа и Вевчани

Да се видат условите за живот и да се чујат проблемите со кои се соочуваат граѓаните се причините за денешната посета на премиерот Никола Груевски на струшките села Бороец, Подгорци, Октиси, Лабуништа и Вевчани.

Во рамки на посетата Груевски имаше можност да поразговара со жителите и на терен да се информира за проблемите и да се разгледаат можностите да им се помогне на овие луѓе.

„Во Бороец основно е што треба да се реконструира училиштето на што Министерството за образование ќе пристапи наскоро. Мислевме дека само прозорите треба да се сменат, но, тука видовме дека треба потемелна реконструкција и ќе бидеме фокусирани на тоа“, изјави Груевски по посетата на населеното место Бороец.

Мештаните, додаде тој, ни укажаа дека имаат повремени мали проблеми со водоснабдувањето и потреба од правење на локален пат за што, подвлече, дека иако е во надлежност на локалната самоуправа, сепак ќе се разгледа можноста што може да се направи.

За решавање на проблемот со невработеноста, премиерот нагласи дека ќе се труди  колку што е можно повеќе компании да се насочат да инвестираат во овој крај.

„Ние подготвуваме технолошко-индустриска развојна зона во Струга, струшкиот регион, која ќе ги опфати Дебарца, Охрид и Вевчани. Таа ќе биде околу 30 хектари“, изјави Груевски.

Тој потсети дека минатата година имаше најава од компанија која требаше да инвестира во овој регион и да изгради фабрика со 1.500 директни вработувања, но, како што рече, кога компанијата имаше неформално донесена одлука и требаше да се потврди на борд се случи убиството на петте момчиња на Смиљковското Езеро и компанијата неколку дена подоцна ги известила дека не се чувствуваат комотни да дојдат да инвестираат во Македонија и одлучија да инвестираат во Бугарија.

„Сега сме во преговори со други компании и можам да кажам дека со неколку сме во подлабока фаза кои покажуваат интерес за инвестирање во струшко-охридскиот регион. Во близина е границата и пристаништето Драч, како и повеќе поголеми населени места што значи расположлива работна сила. Се убедуваме неколку од нив да ги убедиме тука да ја лоцираат нивната следна инвестиција за дел од овој народ да се вработи таму“, информира Груевски.

Претседателот на Владата нагласи дека Владата ќе остане со целосна грижа за овој крај и колку што е во нивна моќ ќе ги насочува инвеститорите тука.

„Ќе правиме се што е во наша моќ за инвестиции во инфраструктурата, опрема за училишта…. Во моментов не можам  да кажам што и кога ќе направиме, но сигурно дека дел од овие проблеми со кои се соочуваат граѓаните ќе бидат на нашата агенда и ќе се обидеме дел од нив да ги решиме“, нагласи Груевски.

Во рамки на посетата на Бороец премиерот ги посети црквата и џамијата во ова населено место, а потоа на агендата се Октиси, Лабуништа и Вевчани. 

На новинарско прашање за реализација на програмата за реконструкција на основните училишта во државата, Груевски информира дека програмата е почната и оти во тек е реконструкција на 13 и градба или доградба на уште 13. Вкупно 26 се во третман, односно тече работата и во наредниот период ќе се отвораат нови работи, реконструкции и доградби или градби во други училишта онаму каде што е потребно. Проектот тече во полн ек и мислам дека во наредниот период ќе може да се уверите во сето тоа, рече Груевски.