Охриѓани во еуфорична атмосфера на Градскиот плоштад ги бодреа македонските кошаркари

Охриѓани, синоќа на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ масовно и во еуфорична атмосфера, на големиот лед- дисплеј и во околните кафулиња,  го следеа кошаркарскиот натпревар Македонија- Црна Гора. Тие од срце навиваа за нашата  репрезентација, која доживеа несреќен пораз со еден кош разлика.

Во рамките на манифестацијата „Да навиваме заедно за Македонија“, што ја организира општина Охрид во соработка со  Црвениот  крст, ЈП „Билјанини извори“ и другите општински јавни претпријатија, пред почетокот на кошаркарскиот натпревар Македонија- Црна Гора, се одржа мал саем на спортските клубови и презентација на спортови и спортски вештини, а активисти на Црвениот крст од Охрид, на специјално поставени штандови, за хуманитарни цели продаваа пијалоци и бесплатно делеа плашици.

На спортско- хуманитарниот хепенинг, кој завршува во петок, синоќа присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески, кој  во еден дел на натпреварот и се приклучи на навивачката група „Рибари“ и заедно со нив  скандираше и ги бодреше македонските кошаркари.

Хепенингот продолжува и вечерва во 17 часот со ревијален натпревар во ватерпол меѓу ветераните од Охрид и Струга кај пристаништето и натпревари во училишен баскет во машка конкуренција, а во 21 часот на Градскиот плоштад заеднички ќе се следи кошаркарскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и  Литванија.

Da_navivame_zaedno_2