Ќе се казнат наставниците кои ги задолжуваат родителите да набават дополнителна литература

Ќе се казнат сите наставници кои ги задолжуваат учениците и родителите да обезбедат дополнителен материјал и стручна литература, кои не се во склоп на бесплатните учебници кои ги обезбедува Министерството за образование и наука, истакна на денешната прес конференција министерот Спиро Ристовски.

Концептот за бесплатно образование за учениците во основните и средните училишта е воведен во 2009/2010 година, со што  во континуитет се обезбедуваат бесплатни учебници со директна достава до училиштата,  за сите генерации, додаде ресорниот министер.

„Јас во оваа прилика би потенцирал дека одобрените и дистрибуирани учебници од страна на надлежните институции и органи се базичен наставен материјал и сосема доволен за реализација на воспитно-образовниот процес на секој ученик. Тоа значи дека училиштата, односно директорите и наставниците имаат обврска да се придржуваат и да го применуваат истиот. Сите останати упатувањата за обезбедување, односно купување било какви дополнителни учебници, работни тетратки, прирачници, боенки и слично, се спротивни на законските прописи, освен доколку нивната набавка заради домашна употреба е израз на личната волја на родителот односно старателот на ученикот“, рече Ристовски.

Казните за прекршувањето на законот се високи. Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училиште, ако дозволи продажба на стручна литература и детски списанија, додека глобата за одговорното лице за истиот прекршок е од 1500 до 2500 евра во денарска противвредност.

Глоба во износ од 10.000 до 15.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на основното, односно средното училишта, ако употреби учебници кои не се одобрени од Националната комисија за учебници, а глобата по овој основ за одговорното лице во правното лице е од 5000 до 7500 евра во денарска противвредност.

Предвидена е и дисциплинска постапка за наставниците кои усно или писмено ги задолжуваат родителите, односно учениците да набават работни тетратки и други помагала.

Просветните инспектори до сега направиле 120 инспекциски надзори и утврдиле прекршување на Законот за учебници во ОУ„Димо Хаџи Димов“ – Скопје и ОУ„Јохан Хајнрих Песталоци“ – Скопје, каде директорите се задолжени да поведат дисциплинска постапка против 13 наставници во одделенска и предметна настава бидејќи усно и писмено ги задолжиле учениците да набават работни тетратки и помагала.

Ристовски додаде – сите родители кои добиле незаконски понуди за обезбедување дополнителна литература, да пријават во Државниот просветен инспекторат.