Второ рангирање на универзитетите во Македонија

Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет од НР Кина вторпат ќе врши рангирање на 20 високообразовни установи во Република Македонија, пет јавни универзитети со сите единици во состав и 15 приватни високообразовни установи, врз основа на податоците за постигнување во текот на академската 2011/2012 година. Резултатите се очекуваат во декември годинава.

„Пред две години беше извршено првото рангирање на 19 универзитети и високообразовни установи во Македонија. На секои две години се врши овој процес. Македонија го продолжува овој процес зошто со него се обезбедува зголемување на конкурентноста, на квалитетот и се придонесува за подобар високо-образовен ситем во Македонија“, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Во минатогодишниот извештај на Европската асоцијација на универзитети, посочи Ристовски, беше потенцирано дека во Македонија се спроведува вакво рангирање, како една од ретките земји во регионот.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ристовски изрази надеж дека оваа година универзитетите подобро ќе ги разберат прашањата бидејќи, како што рече, се исклучително јасни и не се двосмислени.

„На пример јасно е прашањето колку студенти имате запишано од странство, колку професори имаат објавено трудови во меѓународни списанија. Оваа година искуството е поголемо и се надевам дека универзитетите подобро ќе ги разберат овие прашања. Не очекувам проблеми“, додаде Ристовски.

Методологијата и критериумите за рангирање ги претстави Јинг Ченг, извршен директор на Центарот за светска класа универзитети при Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет.

Годинава ќе се користат три димензии и 21 индикатори по кои ќе се врши рангирањето. Трите димензии се предавање и учење, истражување и социјални услуги. Два нови индикатори кои се додадени на димензијата предавање и учење се постоење академски персонал со една година или повеќе работно искуство во странство и примени студенти со три месеци или повеќе, студија или практично искуство во странство.