Есма Реџепова-Теодосиевска добитник на титулата „национален уметник“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во вилата „Водно“, во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска, голем број уметници и други гости, на Есма Реџепова-Теодосиевска свечено и ја додели титулата Национален уметник на Република Македонија, највисокото признание од областа на културата во нашата држава.

Претседателот Иванов истакна дека прогласувајќи ја Есма Реџепова-Теодосиевска за национален уметник, ние денес ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и трајните вредности на музиката.

„Уметниците биле, се и ќе бидат најзначајните гласници на мирот, почитувањето и разбирањето. Низ уметноста, тие ги надминуваат сите граници и недоразбирања и невозможното го прават возможно. Тоа најдобро го покажува Есма“, – рече претседателот Иванов.

Министерката за култура, д-р Елизабета Канческа-Милевска, во своето обраќање пред присутните додаде дека Есма Реџепова-Теодосиевска со своите многубројни изведби и креации, со својот талент и умешност создаде вредности кои се наш печат за идентификација во светот.

„За Есма Реџепова може да се зборува многу. Таа е веќе лесно препознатлив македонски бренд. Нескромно ќе забележам дека не постои континент и нема земја во светот која Есма Реџепова ја нема освоено со својата песна, со својот раскошен глас, со својот темперамент. Голема и неповторлива, кралицата на ромската песна и иконата на македонското музичко поднебје, живее со репутацијата на светски уметник со импозантна кариера која трае цели педесет и пет години“, – истакна Канческа-Милевска.

Титулата „национален уметник“ се доделува во согласност со Законот за национален уметник на Република Македонија, а досегашни добитници на титулата се музичкиот уметник и пијанист, Симон Трпчески и сценаристот и режисер, професор Милчо Манчевски.