Заврши мисијата на српските полицајци кои заедно со нивните охридски колеги се грижеа за безбедноста во Охрид

Денес заврши мисијата и работата на полициските службеници од Република Србија во Охрид. Нивната работна мисија е резултат на взаемна соработка помеѓу министерствата за внатрешни работи на Република Србија и Република Македонија. Во текот на изминатите два месеци, во две работни групи во Охрид, престојуваа и заедно со македонските полицајци се грижеа за безбедноста на граѓаните и туристите вкупно четири полициски службеници од полициските управи во Белград и Панчево.

По повод успешното завршување на исклучително успешниот проект и работата на мешовитите македонско-српски полициски патроли денес полициските службеници Славољуб Стојилковиќ и Никола Мијиќ беа примени од советникот во општинскиот совет Ангел Јанев.

„Соработката со колегите од Охрид беше професионална и успешна. Во однос на интервенциите немаше ништо што ја загрози нашата безбедност, граѓаните се задоволни, а исто и туристите, особено српските кои имаат каде да се обратат за помош и некако се чувствуваат посигурни“, истакнаа српските полицајци.

Задоволство од успешната мисија и меѓусебна соработка го истакна и советникот Јанев кој посебно нагласи дека оваа соработка е пример како треба да соработуваат двете министерства, но и пример за граѓаните од двете земји за меѓусебната блискост и насока како врз основа на пријателство и почитување треба да се одвиваат односите меѓу двата народи, посебно затоа што српските туристи се едни од најбројните во Охрид. Тој ги покани двајцата полицајци и во иднина да доаѓаат во Охрид.

SrpskiPolicajci02 SrpskiPolicajci03