Ивановски го промовираше проектот Е-потсетник

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денес го претстави проектот Е-потсетник, како систем во облик на веб базирано решение, кој им овозможува на граѓаните добивање информации за услуги од различни институции.

Со проектот Е-потсетник на веб апликацијата www.e-potsetnik.mk, се воведува систем кој преку СМС пораки и електронска пошта, ќе испраќа известувања, односно потсетници до граѓаните и фирмите во случаи: на наближување на рокот на важноста на одредени документи, кога бараниот документ е подготвен, при воведување на нови услуги и други слични случаи.

„Станува збор за автоматизирано праќање на потсетници до граѓаните и фирмите за документи/услуги, согласно критериумите и условите утврдени од страна на институциите, односно во точно определено време или врз основа на предодреден настан. Фактот дека СМС пораките се честа алатка за комуникација и не побаруваат учење на дополнителни вештини, ја прави оваа алатка ефективна за подобрување на комуникацијата и пристапот до владините услуги“, – рече министерот Ивановски.

Содржината и фреквенцијата на известувањата, односно потсетниците, ќе бидат утврдени од соодветната институција одговорна за услугата за која се потсетува граѓанинот или фирмата, но по претходно поднесено барање од страна на граѓанинот/фирмата и негова согласност за добивање на потсетниците и покривање на трошоците за нивно добивање.

Системот овозможува: веб регистрација на системот, веб регистрација на услугите, смс регистрација на услугите, веб од-регистрација на системот и смс од-регистрација на услугите. Решението е развиено на тој начин што ниту за регистрацијата ниту за услугите не е потребно да се внесуваат, чуваат или обработуваат личните податоци на корисниците.

„Во системот Е-потсетник засега се опфатени пет институции од кои граѓаните ќе можат да добиваат информации. Тоа се Министерството за економија, Јавното претпријатие за државни патишта, Управата за водење на матични книги, Агенцијата за вработување и Агенцијата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој. Партнери за успешно спроведување на овој систем се Агенцијата за електронски комуникации – при одредување на кој мобилен оператор пропаѓа еден телефонски број, како и сите три оператори. Системот е достапен за сите граѓани на Република Македонија кои поседуваат мобилен телефонски број од националните оператори“, – додаде Ивановски.

При регистрација на една услуга по смс, потребно е да се внесе кодот на услугата, кој го има на порталот, а ќе биде поставен и на шалтерите на петте институции, и одредени карактеристични податоци за секоја услуга со цел единствено идентификување на корисникот и предметот.

На корисниците на услугите ќе им се наплати по 5 денари за секој смс потсетник кој ќе го добијат. На самото веб решение постои Каталог на услуги за секоја од институциите, преку кој граѓаните можат да се информираат за видот на услугите кои можат да ги добијат од нив.

Кај оние институции кај кои има електронски бази, одговорот се добива скоро веднаш, користејќи веб сервиси и комуникација систем-до-систем, без учество на вработените од институцијата. Кај оние институции кај кои нема електронски бази, одговорот се добива најдоцна 7 дена по поднесеното барање, а по одобрување од вработените на институцијата.