Пратеникот Николоски постави три прашања за Охрид на денешната седница на Собранието на РМ

Во рамки на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија пратеникот Александар Николоски постави три прашања од интерес на жителите на општина Охрид како и на петата изборна единица која ја преставува во Собранието на Република Македонија.

– Првото прашање се однесуваше на најавата за автопатско поврзување на градовите Охрид, Струга и Кичево, пратеникот Николоски го запраша Претседателот на Владата Никола Груевски кога точно се очекува да биде одобрен кредитот од Кинеската Влада, кои се условите под кои е одобрен, имајќи предвид дека е меѓудржавен договор кога се очекува да биде доставен до Собранието за да биде ратификуван и кога се очекува почеток на градба како и тоа колку ќе трае.

Претседателот на Владата Никола Груевски одговори дека Ексим банката на Народна Република Кина и Министерството за трговија одобриле заем за изградба на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип од 50 километри со преференцијална камата од 2 отсто, како и дека е во завршна фаза на одобрување во рамки ан Министерството за трговија на Кина заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга од 57 километри под истите поволни услови. Заемот ќе го земе Агенцијата за патишта со рок на отплата од 20 години, од кои 5 години грејс период. Се очекува патиштата да почнат да се градат 3 до 4 месеци по одобрување од македонското Собрание, зависно од почетокот на градежната сезона и временските услови. Износот на инвестциијата во овие два автопати ќе изнесува 574 милиони евра без ДДВ, а рокот за изградба е три години од почетокот на градба. Се очекува договорот да биде даден на ратификација во Собранието на Република Македонија во текот на меец октомври или ноември. Претседателот на Владата Груевски исто така истакна дека оваа инвестиција ќе значи многу како за подобрување на поврзувањето на овие три града така и за развој на туризмот и стопанството, но најмногу ќе им значи на странските инвеститори кои се заинтересирани за овој регион. Истакна дека инвестициите во автопатишта позитивно ќе влијаат и на зголемувањето на БДП, како и намалувањето на невработеноста, која е рекордно ниска од 28,8%, додека во времето кога ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Владата беше 38%.

– Второто прашање на пратеникот Александар Николоски се однесуваше на проекциите за буџетот за 2014 година и во таа насока најавеното зголемување на платите, пензиите и социјалните трансфери, како и проекциите за економијата за следните години.

Претседателот на Владата Никола Груевски одговори дека во новиот буџет за 2014 година планирано е зголемување на пензиите за 5 отсто со почеток март 2014г. , зголемување на социјалната помош за 5 отсто со почеток март 2014г, на платите на јавната администрација, исто така за 5 отсто со почеток октомври 2014 г., како и зголемување на придонесот на самохрани родители кои имаат деца со пречки во развојот за 50 отсто. Најавени се и зголемување на додатокот за мобилност кој ќе изнесува 7.000 денари месечно и на додатокот за глуви лица на 4.000 денари месечно. Подготовката на буџетот, како што рече, е во завршна фаза, за кој основните проекции се пораст на БДП од 3,2 % во 2104г. и 3,8% во 2015г. Законите за овие предвидени зголемувања како и целокупниот буџет се очекуваат во Собранието на Република Македонија во следниот период од неколку недели.

Претседателот на Владата Груевски исто така одговори и на делот од прашањето кое се однесуваше на општествената одговорност на големите компании потикнувајќи ги дел од својот профит да го насочат кон подршка на спорт, уметност, социјално ранливи категории, наука и сл. Исто така на дополнително прашање на пратеникот Николоски поврзано со доцнењата на плаќања во стопанството Претседателот на Владата Груевски истакна дека тој закон се работи во соработка со бизнис заедницата со цел веќе да нема поголеми доцнења во плаќањата и се очекува во македонското Собрание да биде предложен во следните две недели.

– Третото прашање кое пратеникот Николоски го постави до министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска кое се однесува на заканите по безбедноста на Република Македонија поврзани со акцијата „ШПИОН“ со барање за повеќе детали како обвинетите лица дејствувале и како соработувале со тајните служби на странски држави, при што беше потенцирано дека во минатото ваква активности биле толерирани од страна на Владите пред 2006 година или во најмала рака не се преземало ништо да бидат откриени и спречени во нивното дејствување.