Интензивни активности на археолошкиот локалитет Стоби

Со финансиска поддршка од Министерството за култура, на археолошкиот локалитет Стоби заврши конзервацијата на метални предмети и камени споменици, а во завршна фаза се и проектите за конзервација на стаклени предмети и керамички садови пронајдени на овој значаен антички град. 

Археолозите интензивно работат и на проектот за конзервација на полукружниот плоштад и на мозаикот во крстилницата на Епископската базилика. Во текот на летото беа конзервирани сите 72 фрагменти, или површина од 180 м2 од мозаикот во старата Епископска базилика кои биле отстранети од нивната оригинална позиција уште во 1991 година. Во 2014 година овој впечатлив мозаик ќе биде поставен во базиликата и ќе биде презентиран пред јавноста.

На локалитетот Стоби наскоро треба да започне и реализацијата на проектот за конзервација на источната половина од гледалиштето на театарот со што ќе се изврши предвидената санација на ѕидовите во централниот коридор, како и конзервација и реконструкција на лежиштата за мермерните седишта. Интензивно се работи и на реализацијата на грантот за Конзерваторски истражувања на архитектурата и недеструктивни истражувања со георадар на Епископската базилика во рамките на Љубљанскиот процес, програма на Советот на Европа за рехабилитација на културното наследство на Западен Балкан. Проектот ќе биде финализиран до крајот на октомври. Во рамките на едукативните активности кои се реализираат на овој локалитет, повеќе од 40 студенти и волонтери од САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Швајцарија, Кина и од други земји беа дел од трите летни школи за конзервација на керамика и на мозаици и за археолошки ископувања како резултат на соработката со фондацијата Балканско наследство. Археолошкиот локалитет Стоби од почетокот на оваа година го посетиле повеќе од 12.000 домашни и странски туристи.