Форум за квалитетот на водите во Македонија

Отворање дијалог меѓу засегнатите во секторот води и информирање на донаторите за активностите кои се преземаат, е целта на Форумот за води што се одржа во Скопје на тема „Политиките во секторот води во Република Македонија“.

Идејата, според министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, е да се презентира колку Македонија е усогласена со директивите на Европската унија, кои се предизвиците на секторот води и кои реформи ги спроведува државата.

„Спроведувањето проекти за подобрување на водоснабдувањето, како и третманот на отпадни води создаваат услови не само за заштита на животната средина, туку и за подобар животен стандард“, рече Адеми.

Тој најави дека форумот ќе биде традиционален и оти ќе се одржува секоја година на различни теми.

За евроамбасадорот Аиво Орав, водата е еден од највредните ресурси што ги имаме.

„Наша должност е да ја промовираме ефикасната употреба на водените ресурси. Недостатокот на вода е глобален проблем, но нема само едно решение и затоа нашите реакции на овој предизвик треба да бидат прилагодени на спецификите на земјата“, нагласи Орав.