Годишна конференција за поддршка на извозот

Извозот од Македонија годинава е зголемен за 5 проценти, а извозот кон земјите членки на Европската унија пораснал за 17,5 проценти, истакна министерот за економија Ваљон Сарачини на Конференцијата за поддршка на извозот насловена „Како до поголем извоз“.

Традиционалната Годишна конференција ја организира Министерството за економија во соработка со стопанските комори и повеќе институции.

„Целта на денешната конференција е преку дијалог со бизнис заедницата да разговараме за слабостите од минатата година, но и за тоа што не очекува во идниот период. Како Влада се трудиме да им дадеме поддршка на компаниите да го зголемат извозот, а денеска очекувам да разговараме за нови идеи, за барање нови пазари, за подобрување на конкурентноста на нашите компании и за создавање брендови“, изјави Сарачини пред почетокот на Конференцијата.

Тој посочи дека Владата во изминатиот период презеде низа активности кои придонесоа за амортизација на негативните ефекти од кризата како што се евтините кредити за компаниите и програмите за поддршка на конкурентноста на компаниите.

„Зголемувањето на извозот во овој период од годината значително придонесува за намалување на трговскиот дефицит. Секако можеме да кажеме дека тоа е резултат на постепеното излегување од криза на земјите членки на Унијата, а добар показател е и растот од 0,7 проценти на економијата на Германија, земја со која имаме најголема трговска разменa и која е локомотивата на ЕУ“, рече Сарачини.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија Антони Пешев истакна дека поддршката на извозот треба да биде перманентна актвност.

„Окрупнувањето на македонската економија и здружувањето на компаниите во поголеми кластери е најважно за поддршка на македонскиот извоз, бидејќи како мали компании не може да направат значаен пробив на пазарот. Би било добро и заеднички да настапуваме со големи партнeри, а добри сигнали за тоа веќе има од турската економија“, рече Пешев.

Тој истакна дека нерегуларниот визен режим на земјава, ригидната политика во однос на експертите од странство кои би требале да го пратат производството и намалениот капацитет на македонските банки особено кај стратешките проекти претставуваат проблем за зголемување на извозот.

Побара државата да размисли за формирање на гарантен фонд преку кој ќе се поддржуваат македонските компании за реализација на поголеми и поскапи проекти во странство, како и да се регулираат визниот режим и времените дозволи за луѓето од странство кои ќе го пратат извозот од Македонија.

„Фактот што само со шест држави имаме интензивна економска соработка не треба да не радува заради тоа што не можеме да очекуваме крупен раст на земјите со кои имаме традиционално добри односи. Затоа мора да се бараат алтернативни пазари за македонската економија“, нагласи Пешев.

Извршниот директор на Сојузот на стопанските комори Митко Алексов посочи дека во нивниот фокус е настапот на македонските компании во брзорастечките економии и пазарите во третите земји.

„Мислиме пред се на пазарите од Блискиот исток, Азија, Африка и Латинска Америка“, рече Алексов.

Потенцира дека компаниите самостојно можеби можат и да постигнат успех, но додаде дека има и одредени сегменти каде што за тоа е неопходна и поддршката од државата.

Побара Владата да размисли за отворање агенција за стимулирање на извозот, поддршка на компаниите во делот на саемското претставување и зголемено кредитирање со поволни кредити.

Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи рече дека настаните како денешниот придонесуваат за продлабочување на дијалогот меѓу Владата и бизнис секторот, факт што, како што рече, може позитивно да влијае врз економскиот раст на земјава.

„Извозот покажува колку е развиено нашето стопанство и колку може да конкурира на останатите. Со тоа не можеме да се пофалиме, но без да има дијалог како денешниов не можеме ништо повеќе да постигнеме. Ќе разговараме за работите што може да ги направи Владата за нејзините економски политики да ги насочи кон подобрување на извозот“, рече Кучи.

Истакна дека Владата треба да ги согледа можностите како може да ги снабди стопанствениците со евтини енергенси и да ја подобри инфраструктурата.

„Не бараме да имаме пониска цена на енергенсите од регионот, но да бидеме конкуренти. Во инфраструктурниот дел бараме да се овозможи нашите производи по најкраток можен пат да излегуваат на пазарите. Посебен акцент треба да се даде на регионалниот пазар каде можеби на некој начин сме конкурентни, но сепак има можност нешто да се направи за да се подобри извозот и конкурентноста“, потенцира Кучи.

Во 2012 година Македонија вкупно извезла стоки во вредност од 4 милијарди долари, додека увезла стоки за 6,5 милијарди долари. Увозот во 2012 година бележи пад од 10,2, а извозот, пак, од 7,1 отсто. Во првите седум месеци од годинава се бележи раст на извозот од 4,8, додека увозот пораснал за само 1,6 осто.

Во 2012 година најмногу се извезувале катализатори, фероникел, производи од железо и челик, облека и текстил и преработки од нафта. Најголем дел од извезените стоки 29,4 осто се во Германија, потоа следат Косово со 9,8, Србија со 7,4, Бугарија со 7,1 и Италија со 6,9 отсто.