Перо Антиќ дебитираше за Атланта

Капитенот на нашата кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ, синоќа ги одигра првите минути за Атланта Хокс. На отворањето на претсезоната, во дуелот со актуелниот шампион Мајами Хит, Антиќ одигра речиси 16 минути за кои постигна 3 поени со 4 скокови и 1 украдена топка.

Атланта го загуби натпреварот кој се играше во „Америка Ерлајнс“ центарот во Мајами со 92-87, но Перо Антиќ, а и кошаркарската јавност во Македонија ќе го памети овој дуел како прв на наш кошаркар во дресот на НБА тим. Капитенот на нашиот национален состав одигра точно 15:47 минути на натпреварот и постигна една тројка од 6 обиди, притоа прифаќајќи 4 скокови (3 дефанзивни и 1 офанзивен) и 1 украдена топка во дуелите со Леброн Џејмс, Крис Бош и останатите.

Во составот на Атланта, Мајк Скот со 13 поени и 6 скокови беше најпрецизен, а со двоцифрен број на поени завршија и Милсап, Керол и Хорфорд. Кај Мајами, Крис Бош реализираше 21 поен, а Џејмс додаде 9 поени со 5 скокови и 5 асистенции.

Вечерва Перо Антиќ и Атланта ќе одиграат уште еден натпревар од претсезоната во НБА, кога ќе гостуваат на Шарлот Бобкетс, а до почетокот на сезоната, предвидени се уште четири натпревари против Њу Орлеанс, Сан Антонио, Мемфис, Индиана и Далас. Сезоната во НБА лигата почнува на 30 октомври, кога Атланта ќе игра со Далас.