Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на прес-конференција изјави дека проектот туристички комплекс Македонско село кој е дел од Програмата на Владата на Република Македонија, и како таков тој влегува во завршната фаза од својата реализација. Во однос на завршувањето на градежните работи, Владата е информирана дека најдоцна до крајот на годината ќе бидат завршени сите градежни работи на овој проект и тој ќе биде спремен за пуштање во употреба на почетокот на следната 2014 година.
Она што е најбитно е дека Владата за оваа цел, и од овие причини, се одлучи во меѓупериодот од сега па до градежното завршување на комплексот, да спроведе извонредно транспарентен и инклузивен процес на изработка на бизнис модел за стопанисување и управување со туристичкиот комплекс Македонско село, бизнис модел кој ќе биде содржан во документацијата за постапката за концесија која понатаму ќе биде распишана согласно закон. Целта е во изготвувањето на бизнис моделот да бидат вклучени сите заинтересирани субјекти, бизнис заедницата, стопанските комори, туристичките и угостителските работници, хотелиерите и општата јавност.
Веќе е во тек јавен повик за пројавување на интерес за стопанисување и менаџирање со комплексот Македонско село. На овој повик секој заинтересиран субјект може до Министерството за економија да поднесе апликација за пројавување на бизнис интерес за стопанисување и менаџирање на овој комплекс по пат на концесија. Апликацијата, покрај генералиите на поднесувачот, краток историјат и минато искуство, треба да содржи и концепт за управување, работење и одржување на оваа туристичка атракција. Апликацијата, историјатот на апликантот и концептот за менаџирање и стопанисување на комплексот (максимум 3 страници), како и копии од последниот годишен извештај (доколку станува збор за правно лице) треба да се поднесат до Министерството за економија заклучно со 18.10.2013 година.
По ова, од следната недела ќе започне втората фаза од презентација на проектот и од прибирање на идеи, мислења, сугестии, модели, визии за функционирање на комплексот Македонско село, што ќе опфаќа презентација на проектот пред стопанските комори, туристичките, угостителските, хотелиерските работници, и останатите национални и локални заинтересирани стопански субјекти. Целта на овој процес ќе биде презентација на можностите пред бизнис заедницата и согледување на нивната визија и бизнис модел за функционирање на објектот. На овој начин со обезбедување на полна транспарентност ќе се внесат сите добри идеи во документацијата која ќе биде предмет на постапката за издавање под концесија, но и ќе се обезбеди поголема вклученост на бизнисмените во процесот што би водело и кон поголем интерес за нивно пријавување во постапката за концесија.
Комплексот Македонско село се наоѓа во Нерези, спроти манастирот Св. Пантелејмон, истиот се простира на површина од 12.194 м2, каде се наоѓаат 12 куќи од разни региони на Република Македонија со други придружни објекти како меана, ан, музеј, сувенирница, портирница, мал амфитеатар, како и дел со селско-стопански содржини (објекти) како воденица, валалница, трло, штала, рибник. Дејностите кои би се обавувале во овој комплекс се: туристичка дејност (посета и разгледување на објектите), занаетчиска дејност (долниот дел на сите куќи е со презентација на занаетчиска дејност специфична за регионот од каде што е куќата), хотелиерска дејност за сместување (во сите горни катови од куќите и дел од анот) во вкупен број од 51 соба, угостителска дејност (во меаната и анот), одгледување на добиток во селски објекти – штала и трло (во договор) и одгледување на риби (во рибникот за сопствени потреби на меаната).
Бизнис заедницата и јавноста може да истакнува идеи за начините на обезбедување на дејноста, обезбедувањето на условите, обезбедувањето на посетеност, можностите за угостителска дејност, за хотелиерство, и за сите останати аспекти за кои имаат интерес.
Паралелно со ова вклучување на јавноста, државните институции ги реализираат процесните претпоставки кои се определени од законите во насока на овозможување на услови за распишување на постапката за концесија. Во текот на следната недела во Министерството за економија ќе се решава по однос на понудите на заинтересираните субјекти за изготвување на физибилити студијата за концесија, која пак е законски услов за распишување на постапката за концесија.
По изготвувањето на физибилити студијата, и по согледувањето на идеите од бизнис заедницата, во текот на месец ноември ќе биде дефиниран моделот на концесија, и ќе биде распишана постапка за концесија во која ќе бидат утврдени сите детали и аспекти на постапката. По завршувањето на оваа постапка за концесија во месец јануари 2014 година се очекува и избор на концесионер кој ќе се стекне со правото да стопанисува и управува со комплексот Македонско село, по што ќе следи и официјалното отворање на туристичката атракција за јавноста и нејзино функционирање.
Владата ги повикува сите заинтересирани субјекти да се вклучат во овие постапки на давања на сугестии, идеи, мислења и визии за бизнис планот или бизнис концептот кој ќе е дел од постапката за концесија, и ги повикува и сите заинтересирани субјекти уште отсега да направат анализи, да се осврнат на можностите и да учествуваат во постапката за концесија кога таа ќе биде распишана, и да се стекнат со можност да стопанисуваат со овој комплекс. Туристичкиот комплекс нуди услови за доходовен и профитабилен бизнис, а со неговото профункционирање ќе се обезбедат услови и за обезбедување на дополнителни туристи од земјата, и од странство од што корист ќе имаат и останатите стопански дејности во државата кои се поврзани со туризмот. Со овој проект Владата ја збогатува туристичката понуда на Република Македонија и создава дела од значење за културното богатство кои остануваат за следните генерации.