Свечено одбележување на 11 октомври – Денот на востанието на македонскиот народ

Во организација на Општина Охрид, денеска во големата сала на општината , свечено беше одбележан 11- ти октомври Денот на народното востание.

„Четиригодишната народно-ослободителна епопеја на Македонскиот народ во Втората светска војна, ги постави темелите на новата Македонска држава и го реализира многу вековниот сон на Македонскиот народ за создавање сопствена држава.Континтинуираната борба на македонскиот народ резултираше со формирање на самостојна и независна Република Македонија, како единствена државна територија на Македонскиот народ на овие немирни Балкански простори. Затоа, 11 Октомври, не преставува само придружување на македонскиот народ на светската антифашистичка коалиција, туку истовремено неговата големина е во спојување на временскиот континуитет на вековниот сремеж на Македонецот за опстојување на својата територија и приклучување на својот народ и својата држава кон големото Светско семејство на народите. Во таа смисла, славни и неизбришливи се трагите на револуционерниот и бунтовен 11 Октомври 1941 година, нашиот патоказ низ бурните времиња се до создавањето на сопствена држава“, – истакна претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, во своето свечено обраќање пред присутните.

Со звуците на изворната македонска песна и рециталот подготвен за денешната пригода, учениците од гимназијата „Св. Климент Охридски“ го дополнаа чествувањето, а културно-уметничката програма заврши со изведба на авторските композиции на охридската пијанистка Емилија Маринова. 

Чествувањето на празникот продолжи со отворањето на детската градинка при јавната општинска установа „Јасна Ристеска“ во просториите на основното училиште „Ванчо Николески“ во село Лескоец.