Одличната прва четвртина и двоцифрената предност креирана уште во тие први 10 минути од натпреварот беше клучна за триумфот на МЗТ Скопје против засилениот Будуќност. Тодор Гечевски со брилијантно издание комплетирано со дабл-дабл учинок, носител на важната победа.
Цели шест први минути се одиграа на натпреварот без фаворизираниот гостински тим на Будуќност да постигне поен. МЗТ веќе водеше со 9-0, за со продолжение на добрата игра да го заврши првиот период од натпреварот со двоцифрено водство од 24-11. Со квалитетна одбрана и агилно во напад играа избраниците на Влада Вукоичиќ, иако без повредениот Дамјан Стојановски кој го пропушти натпреварот. Чековски се врати по повредата да помогне неговиот состав да се врати на победничките патеки, а Тодор Гечевски во улога на лидер, беше носител на одличната игра. Будуќност на средина од втората четвртина намали на едноцифрена негатива, сепак, следуваа реализации во серија на сите петмина во тимот на МЗТ – Костоски, Дејвис, Гечевски, Лучиќ и Синовец, па на полувреме се замина со највисоки дотогаш 16 разлика (44-28).
Во првиот дел од третата четвртина се играше генерално кош-за-кош додека МЗТ излгедаше дека ја има контролата врз играта и резултатот, за сепак, пред крајот на периодот Марко Поповиќ со две реализации за тројка по ред, да ја намали разликата. Но со влегувањето во игра на Тодор Гечевски, капитенот постигна седум поени по ред и откако уште еднаш го одведе МЗТ до двоцифрена предност, а избраниците на Влада Вукоичиќ знаеја да ја задржат предноста за заслужена победа од 78-71.
Гечевски го заврши натпреварот со 27 поени постигнати со висок процент на реализација, а додаде и 10 скокови и 3 асистенции, како предводник на победата. Синовец додаде 11 поени меѓу кои и една важна тројка во моментите кога се кршеше резултатот, а впечатлива партија одиграа и Лучиќ, Дејвис и Оташевиќ. Алекса Поповиќ и минатогодишниот МВП во АБА лигата, Александар Чапин, со по 14 поени беа најефикасни кај Будуќност.
Оваа победа го враќа МЗТ Скопје Аеродром во горниот дел од табелата во АБА лигата, во очекување на првиот настап во Еврокупот. Натпреварот против Рига во Летонија се игра во вторник. Во четвртото коло од АБА, наредниот викенд, МЗТ гостува на фаворитот Цедевита.