Со лиценцирањето на стручните лица ќе се подобри работата со децата во градинките

Во новиот Закон за заштита на децата кој почна да се применува кон крајот на февруари оваа година, за прв пат се воспостави системот на  лиценцирање на стручните лица и на директорите на установите за деца вклучени во системот на згрижување, воспитание и образование на децата од предучилишна возраст.

Како што истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов основна цел на лиценцирањето е да се развива компетентноста на стручните лица во давањето на услуги во системот на заштитата на децата, со што ќе се придонесе за осовременување на знаењата, вештините и ставовите, како и за ефективно и ефикасно реализирање на заштитата и образованието на децата.

„Со воведувањето на лиценцирањето се очекува да се подобри непосредната работа со децата во детските градинки, а резултатите од оваа мерка ќе ги почувствуваат пред сè децата и родителите коишто ги користат услугите на детските градинки“, рече министерот.

Додаде дека за таа цел Министерството за труд и социјална политика формираше Комисија  за лиценцирање на стручни лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца која што отпочна со работа и досега ги изготви Програмата за работа на Комисијата, Кодексот  на однесување на стручните лица во системот на згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и лица заинтересирани да се вклучат во системот, Пријавите за обуки и барањето за проверка на стручните знаења.

Составен дел на Програмата, како што посочи министерот, се прашањата и литературата што кандидатите ќе можат да ги користат за проверка на стручните знаења коишто ќе бидат објавени на веб страната на Министерството и ќе бидат достапни до сите заинтересирани лица.

„Процесот на лиценцирање ќе се реализира во сесии и по региони согласно со бројот на пријавени кандидати. Постојниот вработен кадар во установите за деца -детските градинки може да се стекне со  лиценца во рок од една година од формирањето на комисијата, односно до 31.7.2014 година“, нагласи Спасов.

Лиценцирањето ќе се однесува и на физички лица коишто вршат одредени работи од дејноста на згрижување на деца од предучилишна возраст во сопствениот дом и во домот на родителите на детето, лицата вработени во агенциите  за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст, како и на лицата коишто  се заинтересирани да се вклучат во системот за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст.

Спасов нагласи дека со лиценцирањето ќе биде опфатен и раководниот кадар, односно директорите на установите за деца и планирано е обуката за директори да содржи четири модули: финансиско работење, раководење со човечки ресурси, педагошка работа и евиденција  и законска регулатива. Обуката, како што појасни, ќе се реализира  во октомври  и ноември годинава и по чие завршување може да почне проверката на стручните знаења за добивање на лиценца за директор.

„Пријавување за проверка на стручните знаења за добивање на лиценца за останатиот кадар во детските градинки  ќе започне идниот месец, во ноември 2013 година и тоа  во три региони Скопје, Штип и Охрид, со цел реализацијата на проверката на стручните знаења и самииот процес на лиценцирање да биде подостапен односно стручните лица да имаат што е можно помалку трошоци“, рече тој.

Лиценцирањето ќе се спроведува преку проверка на примената на стручното знаење во форма на испитни прашања од страна на Комисијата за лиценцирање на стручни лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца, при што издавањето н алиценци ќе биде бесплатно за кадарот од градинките, а само 40 часовната обука за директорите ќе се наплаќа.

По извршената проверка на знаењата доколку стручните лица во системот за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст и на директори на установи за деца го положат испитот, министерот за труд и социјална политика на предлог на Комисијата за лиценцирање ги издава лиценците за стручен работник, за воспитувач, за неговател и за директор.

Процесот на лиценцирање треба да го поминат 56 стручни работници, 42 стручни соработници, 846 воспитувачи и 1187 негователи во установи за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст и 56 директори на установи, како и други лица кои се заинтересирани да се стекнат со лиценца за работа.

„Очекуваме по завршување на процесот на лиценцирање услугите коишто ги даваат установите за деца- детски градинки да бидат поусовршени, да се збогатат знаењата на стручниот кадар со примена на нови методи, знаења и вештини  и стекнатите знаења да ги применуваат во секојдневната работа. Наша најголема одговорност е правилното згрижување и воспитување на децата“,  рече Спасов.