Почина археологот Владо Маленко

На 20.10.2013 година, во вечерните часови, на 75 годишна возраст, почина Владо Маленко, долгогодишен археолог, советник кустос кој целиот работен век го помина во Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Владо Маленко дипломирал на катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Белград во 1965 година. Веднаш по дипломирањето се вработува во Заводот за заштита на спомениците на културата – Охрид, а по интеграцијата на оваа институција со Народниот Музеј во 1973 година продолжува со работа во новоформираната установа. Во 1978 година се здобива со звање Виш конзерватор – археолог, а од 1986 до 1990 година работи како директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и народен Музеј – Охрид. Врши археолошки истражувања од областа на античката и средновековната археологија во охридскиот регион, како и конзервација и заштита на бројни споменици на културата во овој регион. Во НУ Завод и Музеј – Охрид работи се до неговото пензионирање на 17.09.2003 година. 

Во својот работен век објавил голем број на трудови во периодични и посебни изданија од областа на археологијата и учествувал на повеќе домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми. Исто така во матичната институција во два мандати бил Претседател на Управниот Одбор, а во моментов беше актуелен член на Управниот  Одбор при НУ Завод и Музеј – Охрид. 

НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид комеморативна седница ќе одржи на 22.10.2013 година во просториите на Куќата на Уранија во 10 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид во периодот од 12 – 13 часот.