Тесен пораз за МЗТ Скопје од Макаби Хаифа

И покрај тоа што водеше во текот на целиот натпревар, а имаше и шут за победа во завршните моменти од натпреварот, МЗТ Скопје Аеродром на крајот сепак загуби од Макаби Хаифа во СЦ „Борис Трајковски“ со 86-83, забележувајќи го вториот пораз во вториот Еврокуп меч, односно првиот пораз на домашен терен во натпреварувачката сезона.

Одлична прва четвртина, со импресивен напад одиграа избраниците на Влада Вукоичиќ, не дозволувајќи му на противникот да поведе во ниту еден момент. Тројките на Горјан Марковски и Никола Оташевиќ донесоа предност од 22-14 на средина на првиот период, за на почетокот на втората четвртина, со кошот на Синовец по добрата одбрана Рејнолдс, МЗТ за прв пат да поведе со двоцифрена разлика (31-21). Тодор Гечевски и Стефан Синовец играа впечатлива улога во тој период, додека македонскиот состав со задржување на агилната игра, не дозволи испуштање на предноста. Ѓорѓи Чековски со тројка стави точка на доброто прво полувреме, за на пауза МЗТ да замине со 47-39.

Слично сценарио имаше и третата четвртина, во која важна улога во нападот одигра Александар Костоски. Токму со неговата реализација, МЗТ стигна до највисоки 12 поени разлика пред крајот на четвртината (65-53), постојано одолевајќи на нападите на Макаби, предводени од расположените Рот, Рендл и Офоегбу. Во последниот период блескаше Ѓорѓи Чековски на двата краја од теренот, сепак, израелците во неколку наврати наоѓаа лесен пат до противничкиот кош, за преку Офоегбу, на помалку од две минути до крајот од натпреварот, прв пат да поведат. МЗТ го одбрани последниот напад и имаше последни 20 секунди со еден поен негатива (84-83), но Тодор Гечевски не успеа да погоди. Офоегбу погоди уште две слободни фрлања, за последните 2 секунди да бидат премалку МЗТ да креира чиста позиција за шут, па по промашувањето на Синовец за тројка од тешка позиција, Макаби прослави триумф во Скопје од 86-83.

Гечевски и Синовец со по 17 поени беа најпрецизни во тимот на МЗТ, а впечатлив настап имаа и Костоски со 15 поени и Чековски со 12, на кои додаде и 7 скокови. Сепак, токму скоковите беа најголем проблем за „Металците“, кои му дозволија на противникот дури 11 скокови повеќе (33-22), меѓу кои 11 офанзивни. Ике Офоегбу со 18 поени и 14 скокови беше најдобар поединец кај Макаби, а двоцифрени беа и Смит, Рот, Рендл, и Кубилан. МЗТ Скопје на натпреварот настапи без повредените Дамјан Стојановски и Кејд Дејвис.

На другиот натпревар во Групата Г, Рига го победи Калев на гости со 67-62, со што се искачи на делба на првата позиција на табелата, заедно со Уникс. Во наредното трето коло кое ќе се игра на 30 октомври, МЗТ ќе гостува на Банвит во Турција. Во меѓувреме, викендов тимот на Влада Вукоичиќ го очекува нов тежок противник во АБА лигата, кога во СЦ „Борис Трајковски“ ќе гостува Партизан од Белград.