МЗТ Скопје 69-70 Партизан

Само неколку денови откако загубија минимално од Макаби во Еврокупот, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром и покрај тоа што повторно одиграа максимално борбен натпревар и со срце во текот на сите 40 минути, сега загубија од Партизан во АБА лигата со 69-70. Кратката ротација, но и недостатокот на спортска среќа во завршните моменти, клучни за конечниот исход.

Иако настапи без Дамјан Стојановски, Кејд Дејвис, Кирил Николовски и со се уште не доволно опоравен Огнен Стојановски, МЗТ Скопје имаше почеток на натпреварот каков што само можеше да посака. Поените во серија на Синовец, Оташевиќ и Чековски, донесоа предност за македонскиот состав од 15-4 по само пет минути игра на натпреварот, сепак, по петте поени по ред на Партизан, Тодор Гечевски беше исклучен од натпреварот, со што дополнително се скрати и така кратката ротација на тренерот Влада Вукоичиќ. Српскиот тим успеа набрзо да се врати резултатски, но МЗТ во континуитет покажуваше мотивирана и квалитетна игра, одржувајќи блага предност.

Се играше кош-за-кош во текот на целото второ полувреме, со тоа што Партизан во неколку наврати поведуваше со 5 до 6 поени разлика, но МЗТ постојано наоѓаше начин да направи пресврт. Александар Костоски, кој одигра одличен меч, погоди тројка на која додаде и уште една реализација од поле, со што МЗТ дојде до 69-65 на помалку од две минути до крај. Сепак, падот на концентрацијата на домашните кошаркари во таа сама завршница, а и недостатокот на малку спортска среќа, Партизан знаеше да ја казни, па реализацијата од контра напад на Теренс Кинсли на само нешто повеќе од 1 секунда до крај, донесе победа за гостинскиот тим од 70-69.

Никола Оташевиќ и Александар Костоски ја предводеа играта на МЗТ од бековските позиции со искомбинирани 30 поени, заедно постигнувајќи шест тројки на натпреварот. Меѓу поистакнатите беа и Синовец и Чековски кои постигнаа 14, односно 10 поени. Кај Партизан, Теренс Кинсли беше најдобар поединец со 26 поени и 6 скокови.

Во наредното коло од АБА лигата, закажано за следниот викенд, МЗТ гостува на Мега Визура во Смедерево. Во меѓувреме, актуелниот македонски шампион има уште едно гостување, овој пат во Турција во Еврокупот против Банвит Спорт. Овој дуел ќе се игра во среда на 30 октомври.