„Република Македонија ќе ја задржи динамиката на реформите и фокусот на работа, имплементација на најдобрите практики и така ќе продолжи да се движи по патот кон членството во Европската унија. Тоа е патот одреден во изминатите 20 години кој има консензуална општествена поддршка“. Ова го истакна премиерот Никола Груевски.
Заеднички, посочи, ќе продолжиме по тој пат се додека не се постигне посакуваната цел. Тоа значи дека Македонија е подготвена и натаму да учествува во спроведувањето на европските вредности и стандарди, во збогатувањето на европскиот модел на живеење и во заедничкото соочување со предизвиците на европската перспектива.
„Тоа чувство во Македонија и кај незините граѓани, наведе Груевски, секогаш било изразено дури и кога предизвиците на историјата понекогаш не биле на линијата на европските текови. Но, токму на тие предизвици од минатото, ние баравме и наоѓавме европски одговори. Ние сме Европа. Ние и требаме на Европа, исто како што Европа ни треба нам, рече претседателот на македонската Влада“, рече претседателот на македонската Влада.
Во време кога ЕУ се соочува со големи предизвици и креира нов моментум за економска, политичка и финансиска интеграција, порача, политиката на проширување продолжува да биде основата на првичната идеја за Европа – мир, безбедност и просперитет на Европскиот континент.
„ЕУ, оцени, треба да продолжи со успешната приказна за проширувањето, а запирањето на тој процесот со земјите од Балканот би било погрешно. Тоа би било двоен неуспех – за кредибилитетот на ЕУ и за трансформацијата на Балканот“, рече Груевски.
Според него, она што се случува со Македонија и попречениот процес на нашата интеграција во ЕУ, не е одраз на замор од проширувањето или неисполнувањето на условите од наша страна. – Тоа е сосема поинакво и за мене нелогично прашање. Имаме ситуација каде една земја-членка го попречува ефектуирањето на веќе даденото ветување на Унијата за интеграција на Македонија и го попречува валоризирањето на спроведувањето на домашната агенда на една земја-кандидат која ги достигнува европските стандарди, наведе премиерот. За сите нас, истакна, е големо разочарување тоа што наметнатиот спор за името стана централно прашање во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и тоа спротивно од копенхашките критериуми.
„Тој спор е многу чувствителен, но во крајна линија тоа е билатерално прашање помеѓу две земји и не треба и понатаму да го блокира почетокот на пристапни преговори со Македонија“, посочи Груевски, оценувајќи дека е време во рамки на ЕУ да се преземат неопходни чекори и да се придвижи тој процес нанапред.
Попречувањата, напомена, нема да не доведат до заеднички прифатливи решенија. Решенијата лежат во поголема интеграција, правна сигурност, силна политичка волја, интензивен отворен дијалог со аргументи. За жал, другата страна постојано го одбегнува сето тоа, рече македонскиот премиер.
Според него, ако се повлечат одредени историски паралели ќе се види дека европскиот проект ја докажува својата виталност и значење во изградбата на најдрагоцената од сите придобивки – мирот.
Груевски истакна дека Македонија и целиот Балкан се составен дел од визијата за слободна и обединета Европа во мир и порача оти европското обединување без Балканот едноставно не е можно. Посочи дека Македонија постојано спроведува длабоки политички и економски реформи, спроведувајќи ги европските стандарди во сите сфери, со цел подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните, а со тоа и исполнување на критериумите за членство во ЕУ и НАТО.
„Со ваквиот пристап Македонија е вреден кандидат за членство во ЕУ. Македонија е партнер од доверба на меѓународната заедница и фактор кој придонесува во изнаоѓањето решение за современите предизвици“, рече Груевски, посочувајќи оти македонската држава активно придонесува за безбедноста во регионот и пошироко и успеала да обезбеди раст со стабилна макроекономска рамка со примена на внимателна и реформска економска политика.