Општина Охрид: Законот за јавни претпријатија прецизно ја уредува оваа проблематика

Во врска со соопштението на ВМРО-Народна партија, за директорското место во Ј.П. „Билјанини Извори“, Општина Охрид излезе со реакција, во која стои:

„Праксата за паушални реакции на трочлената дружина на ВМРО-НП и нивната наводна загриженост за состојбите во општина Охрид, продолжуваат и понатаму без никаков основ.

Локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески имаат јасна претстава за состојбите во сите општински Јавни претпријатија и мерките кои се неопходни за санирање на катастрофалната затекната состојба таму.

Јавното претпријатие „Билјанини Извори“, согласно Законот за јавни претпријатија има законски именуван в.д. директор и покрај неговата лична одлука да поднесе оставка на функцијата. Се до донесувањето на правен акт за разрешување, сегашниот в.д. директор управува со Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ со сите овластувања и обврски согласно законот.

Законот за јавни претпријатија, член 24-а, прецизно ја уредува оваа проблематика. Потребно е само законите да се читаат целосно и нивното толкување да одговара на напишаната содржина. Се друго е без суштина и гол политички маркетинг.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.