Презентација на научни истражувања во вселената на УИНТ „Св. Апостол Павле“ по повод Светскиот ден на науката за мир и развој

По повод одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, денеска во амфитеатарот на УИНТ „Св. Апостол Павле“ Охрид, се одржа предавање на тема “ARABIDOPSIS ROCKET SCIENCE: How We Grew Plants on the International Space Station” (Арабидопсис ракетна наука: Одгледување на растенија во Меѓународната вселенска станица).

Предавањето го одржа проф. д-р Братислав Станковиќ, кој даде увид во новите технологии, можностите за научни истражувања во вселената, вклучувајќи и презентација на резултати од експерименти спроведени на Меѓународната вселенска станица.

„Конструкцијата на Меѓународната вселенска станица како постојана експериментална база во микрогравитација создаде можности за научни истражувања во вселената. Со цел да се искористат можностите на орбиталната лабораторија, Истражувачкиот центар за вселенска автоматизација и роботика во Винсконсин разви нови технологии за одгледување на растенија во услови на микрогравитација“, објаснува Братислав Станковиќ, професор на Универзитетот Свети Апостол Павле во Охрид.

„Светскиот ден на науката за мир и развој, како иницијатива ѝ овозможува на пошироката јавност да се запознае со важноста на науката во секојдневниот живот. На овој начин, научниците стануваат поблиски до обичниот граѓанин“, вели професорот.

Прогласен од страна на Генералната конференција на УНЕСКО во 2001 година, Светскиот ден  на наука за мир и развој е годишен настан кој се бележи на 10 ноември низ целиот Свет со цел да се подигне јавната свест за исклучителната важност, влијание и придобивки на науката.

UINT_vselena_3 UINT_vselena_2 UINT_vselena_1