Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов учествуваше на јавната седница на тема „Родот и медиумите“ во организација на Советот за радиодифузија на Република Македонија и притоа истакна:
„Заложбите за постигнување на одредени општествени вредности секогаш даваат плод кога се работи за едукација на јавноста и подигнување на свеста за значењето на одредена проблематика. Токму овде доаѓа до израз улогата на медиумите како креатори на јавното мислење. Во таа смисла, мора да се нагласи дека медиумите имаат голема важност во едно демократско општество, затоа што тие, помагаат во креирањето или рушењето на одредени стереотипи и предрасуди. Од тие причини, Владата на Република Македонија изминатите години беше посветена на преземање на конкретни чекори и активности во правец на соодветно претставување на жената во медиумите”, рече Спасов.
Проценката која беше изработена за потребите на Министерството за труд и социјална политика, при креирањето на Националната Стратегија за родова еднаквост 2013-2020, укажа на фактот дека пренесувањето на седниците на Собранискиот канал, особено на ресорната Комисија за еднакви можности на жените и мажите, во голема мера придонесува за презентирање на прашањето на родовата еднаквост. Препораките од проценката укажаа на потребата да се работи на подигнување на капацитетите на новинарите и медиумските работници за родовите прашања, дека има потреба од одржување на кампањи и јавни расправи за стереотипите и предрасудите, се со цел подобрување на медиумското претставување на жената и борбата со предрасудите и стереотипите.
„Република Македонија во февруари 2013 година пред Комитетот на Обединетите Нации го одбрани Националниот извештај во однос на имплементацијата на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената. Во добиените препораки од страна на Комитетот на ОН, исто така, е укажано на потребата од надминување на прикажувањето на жените во медиумите преку стереотипните улоги. За таа цел препорачуваат дека е потребно медиумите да креираат не стереотипни и позитивни слики за жените и промоција на вредноста на родовата рамноправност и еднаквите можности на жените и мажите во програмските содржини. За да се постигне тоа, од медиумските професионалци се очекува да посветат внимание на родовите прашања, а во тоа ќе им помогне Прирачникот за родови прашања на Советот на Европа, Жените и новинар(к)ите на прво место: Предизвик за медиумските професионалци да остварат демократија во пракасата, квалитет во новинарството и да го запрат родоворо стерeотипизирање”, потенцираше Спасов.
Воедно, министерот за труд и социјална политика ги повика пишаните и електронски медиуми да ја промовираат вредноста на родовата еднаквост и да помогнат во надминување на стереотипните улоги.
На јавната седница беа презентирани резултатите од Истражувањето за родовите прашања во програмските концепти и содржини на средствата за јавно информирање (во централните изданија на дневно информативните емисии-вести) и Истражувањето за начинот на прикажување и претставување на жените и мажите во програмските концепти и содржини на средствата за јавно информирање (во примерок од рекламни спотови и спотови означени како “бесплатно емитување”).