Започна Неделата за грижа на старите лица

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов присуствуваше на конференција по повод одбележувањето на традиционалната „Недела на грижа за стари лица“ под мотото „НИЕ сакаме, ВИЕ знаете, ЗАЕДНО можеме“.

Одбележувањето  на „Неделата за грижа за старите лица“ има за цел да го промовира активното стареење и меѓугенерациската солидарност со која старите лица ќе имаат достоинствен  живот, комплетно интегрирани во општеството. 

„Стареењето на популацијата, само по себе наметнува голем број на нови квалитативни и квантитативни здравствени, економски и социјални предизвици. Едноставно нема сфера во општествениот живот во која не можат да се почувствуваат последиците на демографското стареење. Во таа насока се и низата на реформи коишто Владата на Република Македонија ги презема во здравствената заштита, во социјалната заштита и преку други форми со што значајно се влијае кон подобрување на затекнатата состојба“ – рече Спасов.

„Постојат повеќе документи на национално ниво за уредување на политиките за стареење преку кои се oбезбедува  целосна интеграција и партиципација на постарите лица во општеството кско што се Национална Стратегија за стари лица 2010-2020.

Освен ова Министерството за труд и социјална политика работеше и на други форми  на подобрување на животот на старите лица како што се отворањето на дневните центри за стари лица во Чашка, Богомила, Самоков, Бучим,  Вевчани, Центар, Чаир , во завршна фаза е и Дневниот центар во Гази Баба, започнуваме овој месец да работиме на објект за Дневен центар за стари лица во Неготино а дополнително е планирано отворање на дневен центар Чешиново и Облешево и Виница. Понатаму, отворање на Центри за давање на помош во домашни  услови; обезбедување на социјална заштита и социјална сигурност преку проект Бањско климатска рекреација за корисници на пензија, услуга која годинава ја искористија 5500 лица истиот ќе продолжи да се реализира и во 2014 година, за што се  обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија и зависно од интересот што ќе биде покажан, постои можност од дополнително проширување на опфатот на пензионери, потоа волонтерско ангажирање  и активности кон старите лица од страна на Црвениот Крст на Македонија преку проектот грижа за стари лица во домашни услови (национално ниво), верифицирана Програма за помош и нега во домашни услови од страна ЈУ Центар за образование на возрасни – здружение ХУМАНОСТ“.

Спасов уште еднаш истакна дека за Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика особено е важна промоцијата на вонинституционалните форми за грижа на старите лица, со акцент на привлекување на инвестиции во делот на отворање на капацитети за згрижување на стари лица.

„Во Република Македонија постојат четири јавни домови за стари лица. Придобивките од процесот на плурализација на установите за социјална заштита го почуствува и самата држава. Со отворањето на приватните установи (15 досега) капацитетите за сместување се значително зголемени.

Морам да издвојам неколку мерки преку кои се согледува сериозноста во пристапот кога се во прашање поволностите за изградба на  нови капацитети. Неодамна, Владата на Република Македонија овозможи продажба на  градежното земјиште со почетна цена од 1евро за м? со намена за изградба на установи за социјална заштита на стари лица; намалување на цената на комуналните такси за 95%; обезбедување на поволни кредитни линии  преку Македонската банка за поддршка на развојот за изградба на установи за стари лица и поврзување со поволностите што се нудат преку АВРМ и Агенцијата за поттикнување на претприемништвото; обезбедување на предуслови странски државјани да можат да ги користат домашните капацитети за згрижување на стари лица, преку измени на регулативата за обезбедување на привремен престој; спроведување на една поширока промоција на пакетот на поволности како пред домашни, така и пред меѓународни инвеститори.

Во однос на пензиите, во периодот од 2006 до 2013 година просечната пензија е зголемена за 50%.  Само во 2013-та година, вкупното зголемување на пензиите е за 7,35%. Дополнително, сите пензии ќе се зголемат за 5%, почнувајќи од март 2014 година“, рече Спасов.