Претседателот Иванов се сретна со новиот постојан координатор на OН и претставник на УНДП и УНФПА за Македонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ја прими, Луиза Винто, новиот постојан координатор на Обединетите Нации и претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Фондот за популација на Обединетите нации (УНФПА) за Република Македонија.

Претседателот Иванов и посака добредојде на Винто и изрази очекување дека досегашната успешната соработка со УНДП ќе продолжи и во иднина, со реализација на тековните и идни проекти од интерес на државата и граѓаните.

Постојаниот координатор на ОН, Винто, ја поздрави посветеноста на претседателот Иванов на темите од интерес на Обединетите Нации, и искажа подготвеност за конструктивна соработка со сите македонските институции и за проширување на поддршката во иднина.

Македонскиот претседател изрази очекување дека успешно ќе бидат реализирани Милениумските развојни цели на ОН за Република Македонија, како и целите во областите идентификувани со Акцискиот план 2010-1015, кои меѓудругото се значајни и од аспект на приближување на земјата кон стандардите на Европската унија.

На средбата, претседателот Иванов ги истакна и достигнувањата на Република Македонија во полето на намалување на ризици од катастрофи, адаптација кон климатските промени и заштитата на животната средина, што во голема мера се должи на ангажманот и проектите на УНДП.