Универзитетот за информатички науки и технологии „Апостол Павле“ ја поддржа и активно се вклучи во есенската акција за пошумување, иницијатива на проектот „Ден на дрвото- засади ја својата иднина“.
Интернационалните и домашни студенти на УИНТ, како и наставно научниот и административен кадар на Универзитетот, по повод „Денот на дрвото“ засадија палми и зимзелени дрвца во Универзитетскиот двор како и во Холандскиот парк поддржувајќи го локалниот совет на млади на Општина Охрид.
„Денот на дрвото е посебен празник кој се разликува од останатите. Имено, останатите празници го слават минатотот, денот на дрвото ја слави иднината. Убаво е да се садат дрвја. Да го парафразирам големиот Калил Жибран, дрвјата се песни кои земјата му ги пее на небото. Една стара кинеска поговорка вели: Најдобрата прилика да се посади дрво е пред 20 години. Втората најдобра прилика е денес. Не ја пропуштајте“ – изјави проф. Бимбиловски, Проректор за финансии на Универзитетот „Апостол Павле“.