Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски и Амбасадорот на Европската комисија во Република Македонија денеска ја посетија Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде одржаа состанок со директорот на Платежната агенција, Тони Димовски.
Професионални, добро екипирани служби, квалитетни проекти и иницијативи од страна на фармерите кои речиси не веруваат дека може да добијат пари од ЕУ, се препораките од евроамбасадорот Аиво Орав за што поголемо искористување на ИПАРД фондовите.
„Парите од ЕУ се повеќе теоретски зашто нема земја во ЕУ или држава кандидат за членство која може да апсорбира 100 отсто од средствата. Но, вашата цел би требало да биде повлекување што повеќе, блиску до 100 проценти“, изјави Орав по денешната посета на Платежната агенција.
Според него, земјоделството има многу важна улога за државата и од тие причини е особено битно помошта од ЕУ што им се дава на фармерите за модернизација да биде ефикасно и добро искористена.
„Ако некој праша, зошто Европската унија го прави сето ова, одговорот е дека ја гледаме вашата земја како идна членка на Европската унија, тоа е причината“, нагласи Орав.
Институциите, пред се Платежната агенција и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со кои соработката, рече, е одлична, прават максимални напори за ИПАРД програмата да биде уште по достапна, за сите фармери во земјата.
„Работиме на акредитирање дополнителни мерки и модификација на ИПАРД програмата. Целта е што повеќе земјоделци и компании да повлечат пари од ЕУ. Мислам дека сме на добар пат иако изминатиот период имаше одредени застојувања, но од објективни пртичини. Сега, со поинтензивно работење на Платежната агенција и нејзиното кадровско доекипирање, со поголема динамика ќе можеме да ги повлекуваме расположливите средства“, рече министерот Димовски.
Министерот Димовски и амбасадорот Орав исто така, во Платежната агенција, беа запознаени со активностите околу реализацијата на твининг проектот за воведување вкрстена сообразност во директните плаќања. Проектот е финансиран со 950.000 евра од првата ИПА компонента, а целта е прифаќање и спроведување стандарди што веќе се применуваат во високо развиените земји и членките на ЕУ посебно во делот на заштитата на животната средина, растенијата и животните.
„Земјоделците ќе мора да ги почитуваат стандардите за заштита на животната средина, здравјето на растенијата и животните како услов за добивање директна поддршка од државата“, истакна Димовски.
Следните 14 години ќе се работи и на подобрување на капацитетот на неколку институции, министерствата за земјоделство и за животна средина, Платежната агенција, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Агенцијата за поттикнување на земјоделството.