СДСМ: При избор на директор на ЈП „Нискоградба“, ДПМНЕ покажа крајна несериозност кон потребите на граѓаните на општина Охрид

Со бришењето на условот за задолжително работно искуство од 5 години при избор на директор на ЈП „Нискоградба“, ДПМНЕ покажа крајна несериозност кон потребите на граѓаните на Општина Охрид, обвини на денешната прес конференција портпаролот на општинската организаицја на СДСМ Александар Кузески.

„ДПМНЕ, дозволувајќи за директор на јавно претпријатие да може да биде наименуван човек без ниту еден ден работно искуство, всушност покажа дека воопшто не се грижи за реалните потреби околу сервисирањето на услугите на граѓаните, туку дека се води исклучиво од сопствените партиски интереси. Замислете каква контрадикторност… централната власт наметнува полагање за лиценци за воспитувачките во градинките, ги враќаат чекор назад давајки им да учат теорија, за како што велат стручно да се дооспособат практичарите и веке докажаните професионалци во својата работа… на такси превозниците  им наметнуваат обврска да учат англиски јазик… па невидена глупост е после сето ова во условите кои се пропишани во конкурсот за директор на ЈП „Ниско Градба“, да не се постави како критериум познавање на странски јазик.“ – рече Кузески.

Кузески додаде дека само за да биде наместен заслужен партиски кадар од ДПМНЕ на местото директор на јавно претпријатие, советничкото мнозинство од ДПМНЕ се дрзна да го избрише од статутот условот за задолжително работно искуство при изборот на директор, со што се направи опасен преседан од аспект на стручноста, соодветноста и капацитетот на првите луѓе на јавните претпријатија.

„Од вкупно 7 општински јавни претпријатија, само во ЈП Нискоградба се избриша условот за задолжително работно искуство од 5 години при избор на директор, покрај другите услови утврдени со закон и со статутот. Покрај тоа, не постои слична практика во нашата држава, при избор на директор или друго раководно лице во било која јавна или приватна фирма, да не се бара задолжително работно искуство од 3, 4 или 5 години. Примерот со ЈП Нискоградба покажува дека ДПМНЕ по секоја цена сака да ги задоволи само сопствените партиски интереси, воопшто не водејќи грижа за реалните потреби на граѓаните на Охрид.“ – додаде Кузески.

На прес средбата СДСМ реагираше и на новите програми  на ВМРО-ДПМНЕ.

„На 10.06.2013 год. на 6-тата седница на Советот, мнозинството предводено од ДПМНЕ донесе “нови програми“ во сите дејности под ингеренции на локалната самоуправа. Нашите советници од  опозицијата тогаш тврдеа дека тоа се измени и дополнувања на веќе донесените програми на овие дејности. При тоа истите ги имаа дополнато со нови ставки, вметнати заради популизам, за да се види наводно колку многу тие ќе сработат.

Сега по 5 месеци, на 14-тата седница истите тие ставки и дел од предходните ги кратат во делот за финансирање или целосно ги бришат од ставките донесени со како тие милуваа да кажат новите програми. Нивната реализација, како што се фалеше новата градска власт од ДПМНЕ, требаше да биде покриена со кредит од 3 милиони евра. Сега, со повторниот ребаланс на буџетот, односно со неговото кратење, се покажа дека опозицијата беше во право, кога пред 6 месеци се спротивстави на таквата непромислена, нереална и неостварлива политика со општинскиот буџет. Тоа е многу јасен показател дека ниту знаеле што донесуваат, ниту имале капацитет и визија што ќе реализираат.“ – истакна Кузески.

Кузески ја обвини Локалната власт на ДПМНЕ дека во последните 6 месеци не се реализирало ништо.

„Локалната власт на ДПМНЕ дека во последните 6 месеци реализира само едно големо НИШТО, односно оствари тројно промашување: прво, иако имаше доволно време за тоа, не изготви ниту еден издржан проект, што би ги задоволил условите да биде одобрен и финансиран од ветениот кредит; второ, донесе нови развојни програми, за кои се покажа дека се неостварливи, нереални и предимензионирани; и трето, прво го зголеми буџетот за 3 милиони евра, па од кога не успеа да го добие ветениот кредит од својата сопствена централна власт, тогаш, по принципот – пту, пту, пту, не важи, го скрати за, замислте неверојатни 33% . Знаете ли Вие дами и господа од ДПМНЕ што значи да се направи кратење на буџетот за 33%??? Тоа се прави во услови на „недај Боже“, во услови на вонредна состојба… Новата градска власт со овој потег не само што покажа дека е неспособна да ги оствари и да ги реализира ветените проекти, туку и дека работи врз основа на импровизации и паушални прогнози. Срамота! Ако се сметате за сериозна власт тогаш за неостварувањето на погрешно проектираната планска активност некој мора да одговара. И ве молам, пред врата ни е Нова Година, треба да се донесе нов буџет, престанете да си играте локална самоуправа и бидете одговорни пред граѓаните на Охрид.“ – рече Кузески.

Кузески на денешната прес средба се осврна и на вчерашниот прес на советникот од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Донев.

„Прво, ако инсинуираат на прекршување за законот нека спроведат соодветна постапка. Второ, не ја разбирам потребата да ги навредуваат вработените во образование на таков начин. Па тоа се зрели, реализирани, изградени личности… како тоа некој да присилува некого на нешто? Ако праксата на ДПМНЕ е спроведување на директиви од нивниот комитет присилно и насилно, тогаш во СДСМ е обратно. Кај нас владее демократија и почитување на личноста на човекот. Трето и најважно, Донев кажува дека на ОУ „Григор Прличев“ Охрид е блокирана сметката за девет милиони денари, направени трошкови во 2011 и 2012 година. Да, сметката на ОУ „Григор Прличев“ е блокирана за посочената сума, а е блокирана по извршно судско решение за надомест за одземено земјиште од 467м2 од приватно лице во 1987 година од страна на Општина Охрид. Постапката за надомест пред Основниот Суд во Охрид е започната уште во далечната 1997 година а завршила 2013 година во корист на тужителот. Бидејки имотот сега е во сопственост на Општина Охрид логично е средствата за одземено земјиште да ги надомести Општината а не ОУ „Григор Прличев“.“ – рече портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.