Аудио книги за слепите и слабовидни лица

Меморандум за меѓусебна соработка за зголемување на фондот на аудио книги во Одделението за слепи и слабовидни лица при НУБ „Св.Климент Охридски“ денеска потпишаа министрите за труд и социјална политика и за култура, Диме Спасов и Елизабета Канческа-Милевска со Националниот сојуз на слепи лица на Македонија, Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид, Клубот на оратори и со претставници на националните телевизии и радија.

Министерот Спасов се заблагодари за подршката на партнерите потписници на меморандумот, МРТ, Канал 5, Сител, Аласт М, 24 Вести, Сити радио, Клуб ФМ, Спортско радио за, како што кажа, благородната идеjа која ќе се реализира во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со хендикеп.

„Овде сме да го означиме почетокот на проектот за зголемување на фондот на аудио книги  во Одделението за за слепи и слабовидни лици при НУБ „Св.Климент Охридски“. Поаѓајќи од мислата дека во денешно време читењето на книги освен што може да се прави преку сетилата за вид, може да се прави и со сетилата за слух. Дојдовме до идеја дека сите книги можат да бидат бесплатни и достапни во аудио форма, кој што како начин на звучно читење ќе овозможи достапност до литературата за слепите лица и деца со оштетен вид“, рече Спасов.

Кажа дека на почетокот повеќето книги ќе бидат снимени на македонски јазик но и дека ќе има на албански, турски и на другите јазици на заедниците кои живеат во Македонија.

Министерката Канчевска-Милевска истакна дека со овој меморандум ќе се дефинираат обврските и одговорности кои треба да резултираат со зголемување на фондот на аудио книги во оделението за слепи и слабовидни лица при Националната универзитетска библиотека.

„Културните, образовните и информативните потреби на слепите лица се долгорочни побарувања кои треба да се трудиме да ги задоволиме повеќекратно. Владата на Македонија експлицитно ја презентираше својата грижа за лицата со посебни потреби односно за слепите лица со формирањето на библиотечниот центар во рамките на НУБ „Св.Климент Охродски“ кој овозможи доближување до книгата на широк круг на визуелно хендикепираните читатели“, рече Канческа-Милевска.

Информираше дека Министерството за култура преку националните установи, самостојни театри и центри за култура кои што имаат во состав  професионален театар, ќе го обезбеди потребниот ангажман и динамика на активности на вработените во овие установи во однос на снимање на книги во аудио формат и обезбедување на целосно функционалност на тонското студио во Одделението за слепи при НУБ.

Во име на Националниот сојуз на слепите на Македонија за потпишувањето на меморандумот се заблагодари генералниот секретар Стерија Димов, истакнувајќи дека досега на слепите лица им била ускратена можноста да се информираат преку вакви аудио дела.